Американскиот претседател Доналд Трамп напиша на Twitter во четвртокот вечерта дека има „прекрасни вести“ од Турција и оти „милиони животи ќе бидат спасени“, и му се заблагодари на турскиот колега по должност, Реџеп Тајип Ердоган кој кусо време претходно се сретна со американскиот потпретседател Мајк Пенс кој се сретна во четвртокот со турскиот претседател во обидот да го наговори да ја запре воената операција против курдските борци на североисточна Сирија, но турските функционери порачаа дека Анкара ќе продолжи со операцијата наречена „Извор на мирот“.
„Одлични новини од Турција. Наскоро ќе има прес-конференција со потпретседателот и државниот секретар (на САД Мајк Помпео). Ни благодарам на (турскиот претседател) Реџеп Тајип Ердоган. Милиони животи ќе бидат спасени“, напиша Трамп на Twitter иако претходно се чинеше дека минимални се шансите Анкара да ја сопре операцијата против курдските борци во североисточна Сирија.
Турската операција предизвикала нова хуманитарна криза во Сирија, во рамките на која 200.000 цивили ги напуштиле своите домови, а се создал и безбедносен ризик поради илјадници милитанти на џихадистичката групација Исламска држава кои останале во курдските затвори. Американските демократи и дел од републиканците го обвинуваат претседателот Доналд Трамп дека со повлекување на дел од американските војници од Сирија пред турската операција, ја предал арапско-курдската коалиција Сириски демократски сили (SDF), кои беа главниот партнер на САД кој ги обучуваше и вооружуваше во борбата против џихадистите. Главната ударна на сила на SDF, го сочинува курдската милиција Единици за заштита на народот (YPG), која Турција ја смета за фракција на забранетата Работничка партија на Курдистан (PKK).
Американскиот претседател во средата изјави дека неговиот потег бил „стратешки брилијантен“. Ттамп рече и дека смета дека Пенс и Ердоган ќе имаат успешен состанок, и предупреди дека ќе наметне санкции и царини кои ќе бидат „девастирачки за турската економија“, доколку средбата не биде успешна. Белата куќа го објави писмото на Трамп до Ердоган, испратено на 9-ти октомври, денот кога почна турската офанзива, во кое американскиот претседател му порачал на турскиот колега да „не биде насилник“ и „будала“.
Турската телевизија CNNTurk пренесуваше дека Турција го одбила предлогот за склучување договор со кој би се запрела воената операција, како и дека писмото е „фрлено во кош за отпадоци“.
„Писмото коешто го испрати Трамп немаше влијание, кое тој мислеше дека ќе има, врз Турција затоа што не содржеше ништо што може да се земе за сериозно. Јасно дека Турција не сака терористичка организација на своите граници и дека операцијата нема да биде запрена поради реакциите“, рекол за Reuters неименуван турски функционер.
Пенс и американскиот државен секретар Мајк Помпео не им се обратија на новинарите пред средбата со Ердоган, но еден функционер рекол дека веројатно ќе ги повторат претходните барања на Вашингтон.
„Меѓутоа, преговарањето со терористичка организација или откажување од операцијата којашто е во тек, не се на масата“, порача пред средбата на Пенс со Ердоган турски функционер.