Трамп одби да сведочи во постапката за негово отповикување

Адвокатите на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во четвртокот ги одбија повиците на демократите тој следната седмица да сведочи во постапката за неговото отповикување од претседателската должност.

Демократите во Претставничкиот дом го обвинуваат републиканскиот претседател Доналд Трамп дека наводно ги повикал своите приврзаници, кои масовно се убедени дека претедателските избори од 3-ти ноември 2020 година се украдени во полза на неговиот демократски противкандидат Џо Бајден, да се „борат“ против неговиот изборен пораз. На 6-ти јануари годинава дојде до насилен упад на демонстрантите и приврзаниците на Трамп на Капитол, додека во Сенатот траеше потврдувањето на гласовите од електорскиот колегиум со кој победил Бајден, а во судирите беа убиени една демонстрантка и еден полицаец, а уште три лица смртно настрадаа во инциденти кои не биле поврзани со насилството.

„Претседателот нема да сведочи во овој неуставен процес“, изјави за агенцијата Reuters Џејсон Милер, советник на Доналд Трамп.

Неговите адвокати, Брус Кастор и Дејвид Шоен, во отвореното писмо до јавноста поканата за сведочење на Трамп ја нарекоа „трик за јавноста“.

Правниците претходно седмицава ги отфрлија обвинувањата поради кои се бара отповикување на Трамп од претседателската должност, иако тој од 20-ти јануари не ја извршува, и истакнаа дека неговото тврдење дека на изборите од 3-ти ноември 2020-та имало масовно мамење го штити Првиот амандман на Уставот на САД. Во него стои дека Конгресот не смее да ја ускратува слободата на говорот или на печатот, правото на граѓаните на мирен собир или од властите да бараат исправање на неправдите.

Трамп во четвртокот на сведочење под заклетва го повика демократскиот пратеник Џејми Раскин, лидер на постапката за отповикување во Претставничкиот дом.

„Ако ја одбиете оваа покана, ги задржуваме правата, вклучително и она на судењето да утврдиме дека вашето одбивањето силно го поддржува заклучокот за вашето дејствување (и недејствување) на 6-ти јануари 2021-та“, напиша Раскин.

Адвокатот Кастор за Reuters појаснил дека Трамп има право да го одбие ова барање.

„Долниот дом (на Конгресот) треба да докажува. Нема да им помагам да си го олеснат тој товар“, рекол адвокатот.

Неколку сенатори во меѓувреме изјавија дека сведочењето на Трамп е лоша идеја. Републиканецот Линдси Греам, еден од најголемите сојузници на поранешниот претседател, рече дека „тоа не би било во ничиј интерес“.

Адвокатите на Трамп и огромен дел од републиканските сенатори ја проблематизираат уставноста на процесот за отповикување на Трап, веќе потврден во долниот дом на Конгресот. Тие сметаат дека Сенатот нема овластувања да ја води оваа постапка, бидејќи Трамп веќе ја напуштил должноста, па не може и да биде отстранет од претседателската функција.

Според овие изјави, се чини дека републиканските сенатори ќе гласаат против отповикувањето на Трамп, во прв ред, поради процедурално спротиставување. За отповикувањето во горниот дом на Конгресот, во кој има 100 сенатори потребно е дво третинско мнозинство, што значи дека на демократите треба да им се придружат 17 републиканци.

Процесот би требало да започне следниот вторник, но целта на демократите е главно да се издејствува забрана за политичко дејствување на Трамп во иднина, односно да биде спречен повторно да се кандидира на изборите во 2024 година, како што неколкупати најави.