Американскиот претседател Доналд Трамп одлучил да ја затвори програмата на Централната разузнавачка агенција (CIA) за обезбедување поддршка и вооружување на таканаречената умерена сириска опозиција, сунитски вооружени групации коишто од март 2011 година се борат за да ја соборат владата на претседателот алавит (шиит) Башар ал-Асад пишува во средата весникот The Washington Post (WP), повикувајќи се на висок извор во американската администрација.
Весникот оценува дека, тоа би можело да претставува фактички чекор во полза на Русија, којашто ја поддржува сегашната влада во Сирија. Според тврдењето на соговорникот на The Washington Post, ваквата одлука американскиот претседател Доналд Трамп ја донел речиси пред еден месец по седбата со директорот на Агенцијата, Мајк Помпео и својот помошник за национална безбедност генералот Херберт Мекмастер во Белата куќа во подготовките за тогаш претстојните разговори со рускиот претседател Владимир Путин кои се одржаа на 7 јули во германски Хамбург.
Весникот појаснува дека суспендирањето на програмата за поддршка на бунтовниците кои се борат против сирискиот претседател Башар ал-Асад, не бил еден од условите за почетокот на преговорите за постигнувањето договор за примирјето на југозападот од Сирија, коешто дејствува благодарејќи на договорот меѓу Трамп и Путин.
Според тврдењата на други извори на WP за истата тема, одлуката на Трамп била поддржана од Јордан, на чијашто територија се одржуваше американската обука на сириските бунтовници. Инаку, зоните кои се опфатени со американско-рускиот договор за примирје во Сирија се токму покрај јорданската граница.
Ваквиот чекор, тврдат натаму соговорниците на весникот, е дел од една посеопфатна стратегија на сегашната американска администрација, насочена кон последователно склучување со Русија договор за локалните примирја во Сирија. Москва, инаку, кон крајот на минатата 2016 година склучи вакви прекини на огнот и со Турција, којашто исто така поддржува сириски бунтовнички групации, во одредени таканаречени „зони на деескалација“.
„Ова е исклучително важна одлука. Путин победил во Сирија“, рекол за The Washington Post претставникот на актуелната американска администрација, кој зборувал под услов да остане анонимен.
Програмата на CIA за поддршка на сириските сунитски опозициски групи започна во 2013 година, и беше покрената најмногу по инсистирањето на администрацијата на тогашниот демократски претседател Барак Обама за вршење притисок врз сирискиот челник Асад. Меѓутоа, како што забележува весникот, „дури и нејзините приврзаници почнаа да изразуваат сомневања за нејзината ефикасност откако пред две години Русија распореди свои единици во Сирија“.
Истовремено редица американски аналитичари изразуваа загриженост дека ограничувањето на програмата на CIA може да оди во полза на радикалите и да преставува удар врз авторитетот на Соединетите држави и во регионот на Блискиот исток и воопшти во светот.
Оваа програма на двапати во својот почеток доживеа фијаско, кога обучените од американските специјалци опозициски единици беа брзо разбиени или пребегнаа заедно со вооружувањето во редовите на џихадистичките групи.