Трамп официјално номиниран за претседателски кандидат, за свој потпретседател го избра ЏејДи Ванс

Доналд Трамп го избра во понеделникот американскиот сенатор Џејмс Дејвид (ЏејДи) Ванс за свој потпретседателски кандидат, додека Републиканската партија официјално го назначи поранешниот претседател за свој претседателски кандидат на избори на 5 ноември годинава на почетокот на партиската национална конвенција во Милвоки.

„Како потпретседател, ЏејДи ќе продолжи да се бори за нашиот Устав, ќе стои со нашите трупи и ќе стори сѐ што може да ми помогне Америка повторно да ја направиме голема“, напиша Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.

Откако служел во фамозните марински трупи и дипломирал право на реномираниот Универзитет Јејл, Ванс стана познат откако во 2016 година ја напиша и објави книгата „Hillbilly Elegy“ (Елегијата на горштакот), во која ги истражува социоекономските проблеми со коишто се соочува неговиот роден град и кругот на сиромаштија кој ги зароби Американците во Алапачките гори, од кад потекнуваат неговата мајка и нејзиното семејство. Книгата го критикува она што Ванс го гледа како автодеструктивна култура во рурална Америка и се обидува да ја објасни популарноста на Трамп меѓу осиромашените бели Американци.

Американските медиуми потсетуваат дека и самиот Ванс остро го критикувал Трамп пред неговата изборна победа во 2016 година против демократката Хилари Клинтон, нарекувајќи го „идиот“ и „американски Хитлер“, меѓу другите епитети.

Меѓутоа, додека Ванс се подготвуваше за кандидатурата за американскиот Сенат од сојузната држава Охајо во 2022 година, се трансформираше во еден од најдоследните бранители на поранешниот претседател, поддржувајќи го Трамп дури и кога некои од неговите колеги републикански сенатори  го одбија тоа.

Аналитичарите оценуваат дека трансформацијата на ЏејДи Ванс, кој своевремено тврдел дека „никогаш нема да биде Трампист“, до непоколеблив лојалист, го прави релативно необична фигура во внатрешниот круг на Трамп.

Демократите, па дури и некои републиканци, во објавите на социјалните мрежи и во изјави за медиумите веднаш откако Трамп ја соопшти својата номинација на Ванс, го поставија прашањето дали сенаторот е повеќе воден од опортунизам или од идеологија. Меѓутоа, Трамп и најголемиот број од неговите советници сметаат дека трансформацијата на Ванс е искрена.

Политичките коментатори истакнуваат дека политичките убедувања на Ванс, коишто според нив го мешаат изолационизмот со економскиот популизам, се совпаѓаат со оние на Трамп и двајцата ги конфронтираат со старата гарда во Републиканската партија, каде сѐ уште владеат надворешнополитичките јастреби и евангелистите на слободниот пазар чиишто политички ставови речиси воопшто не се разликуваат од оние кои преовладуваат во Демократската партија.

Четиридневната конвенција на Републиканската партија во „Fierv Forum“ во центарот на Милвоки два дена откако Трамп го преживеа атентатот на предизборен собир во сојузната држава Пенсилванија и неколку часа откако си обезбеди голема правна победа кога сојузен судија отфрли еден од кривични случаи против него во врска со поседувањето и чувањето на владини документи.

Според најавите, Трамп би требало официјално да ја прифати номинацијата од партијата во главното обраќање во четврток и да се соочи со актуелниот претседател Џо Бајден, чија Демократска партија сѐ уште води полемика дали тој треба да се повлече од претседателската трка по катастрофалната телевизиска дебата на 26 јуни и низата гафови кои ја доведоа во прашање неговата ментална способност да го води САД уште четири години.

По обидот за негово убиство, Трамп порача дека ќе го ревидира својот говор за прифаќање на претседателската номинација за да го истакне националното единство, наместо да ги истакнува своите разлики со Бајден.

„Ова е можност да ја обединиме целата земја, дури и целиот свет. Говорот ќе биде многу поинаков, многу поинаков отколку што беше пред два дена“, рече Трамп за изданието Washington Examiner..