Трамп осуден за надувување на вредноста на неговата сопственост

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата семејна компанија ја надувале вредноста на нивната сопственост, одлучи во средата њујоршки судија во тужбата што ја покрена државниот обвинител Летиција Џејмс, која тврди дека Трамп лажел за вредноста на својот имот.

Според Reuters, оваа одлука на судијата Артур Енгорон од државниот суд во Њујорк во Менхетен ќе и олесни на државниот обвинител Летиција Џејмс да утврди отштета на судењето закажано за 2-ри октомври. Понатаму, во случај тој да биде прогласен за виновен, тоа значително ќе го отежне Трамп да работи во оваа сојузна држава.

Енгорон, исто така, нареди откажување на лиценците кои дозволуваа некои од компаниите на Трамп, вклучувајќи ја и организацијата Трамп, да работат во Њујорк, и нареди да се назначи стечаен управник кој ќе се справи со распуштањето на компаниите.

Судијата опиша како Трамп, неговите возрасни синови Доналд помладиот и Ерик, „Trump Organization“ и другите обвинети фабрикувале проценки и ја надувале нето вредноста на Трамп за да одговараат на нивните деловни потреби.

„Тоа е свет на фантазијата, а не реалниот свет“, напиша Енгорон.

Судијата ги казни и адвокатите на обвинетите за изнесување „бесмислени“ правни аргументи.

Трамп и другите обвинети тврдеа дека никогаш не извршиле измама и дека предметните трансакции биле профитабилни. Тие планираат да поднесат жалба на одлуката на Енгорон.

Џејмс го тужеше Трамп во октомври минатата година, тврдејќи дека лажел за вредноста на сопственоста за да добие подобри услови за банкарски заеми, односно работењето на неговите компании.