Доналд Трамп победи на републиканските прелиминарни избори за претседателска номинација на Републиканската партија во Вирџинија и Северна Каролина во вторникот по американско време, според проекциите на Edison Research, а американскиот претседател Џо Бајден, кој нема противници од почетокот на американските прелиминарни избори во неговата Демократска партија, победи и на демократските прелиминарни избори во овие држави.
Гласачите во 15 сојузни држави и една територија на САД гласаа на прелиминарните избори за т.н „Супер вторник“ и гласачките места ќе се затворат во текот на вечерта заклучно со Алјаска на полноќ (6 часот наутро во средата по средноевропско време). Првите избирачки места беа затворени во 19 часот (1 час по средноевропско време) во Вермонт и Вирџинија.
Според излезните анкети на Edison Research во Калифорнија, Северна Каролина и Вирџинија, имиграцијата и економијата се главната загриженост меѓу гласачите во двете партии. Мнозинството републикански гласачи во овие држави изјавија дека поддржуваат депортација на илегалните имигранти, јавуваат светските агенции.
Трамп, кој често ги омаловажува мигрантите, вети дека ќе го започне најголемиот обид за депортација во историјата на САД доколку биде избран.
Во трите држави каде гласачите излегоа на гласање, 69 отсто од републиканските гласачи во Калифорнија, 62 отсто во Северна Каролина и 59 отсто во Вирџинија го поддржаа депортирањето на илегалните имигранти, покажуваат излезните анкети на Edison Research.
Сепак, мнозинството републикански гласачи во Калифорнија и Вирџинија не се залагаат за национална забрана за абортусот. Во Северна Каролина, мнозинството од анкетираните гласачи – 49 проценти – се залагаат за национална забрана на абортусот, во споредба со 45 проценти кои се противат.
Абортусот е партиско прашање откако Врховен суд на САД, во кој доминираат конзервативните сѕдии, ги укина федералните права за абортус.
Се очекува Бајден да помине низ прелиминарните избори на Демократската партија, иако активистите кои се противат на неговата силна поддршка за Израел ги повикаа муслиманските Американци и прогресивците да дадат „неопределени“ протестни гласови во Минесота, како што направија претходно во Мичиген.
Претседателот лесно ги освои Ајова, Северна Каролина и Вирџинија, според проекциите на Edison Research. Проекциите на телевизиската мрежа CBS News велат дека тој го освоил и Вермонт.
Трамп, кој доминираше во републиканската кампања од самиот почеток и покрај низата кривични обвиненија, досега победи на сите предизбори освен на едни, стеснувајќи го широкото поле на републикански кандидати на два.
Па и доколку Трамп не може да освои доволно делегати за формално да ја добие номинацијата уште денеска, уште едно доминантно изборно остварување дополнително ќе ја притисне Ники Хејли, поранешната гувернерка на Јужна Каролина и од него именувана амбасадорка на САД во ОН, неговиот единствен преостанат предизвикувач, да се откаже од трката.
Околу една третина од гласачите во Северна Каролина рекле дека Трамп не би бил способен да ја извршува функцијата претседател доколку биде осуден за кривично дело, додека во Вирџинија 53 отсто рекле дека би бил способен да служи доколку биде осуден.
Покрај случајот во Њујорк, Трамп се соочува со одделни федерални и државни обвиненија за мешање во изборите, иако не е јасно дали тие случаи ќе одат на судење пред изборите во ноември. Тој, исто така, се соочува со федерални обвиненија за задржување доверливи документи по напуштањето на функцијата. Трамп се изјасни за невин по сите четири кривични пријави.