Трамп порача дека наскоро ќе ги објави реципрочните царини за многу земји

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека планира да воведе реципрочни царини за многу земји следната седмица, што е негов најнов потег во обидот да ги преобликува глобалните трговски односи во полза на Соединетите држави.

Трамп не кажа кои земји ќе бидат погодени, но посочи дека тоа ќе биде широка мерка што може да помогне во решавањето на буџетските проблеми на Соединетите држави.

„Следната седмица ќе најавам реципрочна трговија за да имаме еднаков третман со другите земји. Не сакаме ништо повеќе, ништо помалку“, изјави Трамп.

Овој потег ќе го исполни предизборното ветување на Трамп за воведување царини за увезените производи со истите стапки што трговските партнери на САД ги наметнуваат на американскиот извоз.

Трамп го соопшти ова за време на состанокот со јапонскиот премиер Шигеру Ишибаши во Белата куќа.

Трамп ѝ се закани на Јапонија со царини бидејќи Токио има трговски суфицит од 68,5 милијарди долари со САД, но јапонскиот премиер избегна отворена трговска војна нудејќи му отстапки на американскиот претседател. Ишиба вети дека ќе ги зголеми јапонските инвестиции во САД на трилион долари и ќе увезе течен природен гас, етанол и амонијак произведени во САД.

„Тоа е многу добар одговор. Тој знае што прави“, коментираше на тоа Трамп.

Двајцата челници, исто така, ветија дека ќе соработуваат на безбедносно и економско ниво за да се спротивстават на Кина.