Трамп порача: Затвор за сите кои ги уништуваат спомениците!

Претседателот на САД, Доналд Трамп денес го повтори предупредувањето за сите кои ги уништуваат американските споменици дека ќе бидат уапсени и ќе се соочат со затворски казни.

Трамп на својот профил на Твитер го напиша тоа само неколку часа подоцна откако демонстрантите се обидоа да ја срушат статуата на поранешниот претседател Ендру Џексон недалеку од Белата куќа.

„Дадов овластување на сојузната влада да го уапси секој кој ќе оштети или уништи било кој споменик, статуа или друг федерален имот во САД и да добие до 10 години затворска казна“, порача Трамп.

Да потсетиме, учесниците на протестите против расизмот и полициската бруталност кои се одржуваат откако беше убиен Афроамериканецот Џорџ Флојд од страна на полицијата, во бројни градови ширум САД ги „нападнаа“ статуи на „контроверзни“ историски личности.

Досега најчесто на мета на нападите беа спомениците на Кристофер Колумбо затоа што демонстрантите сметаат дека токму Колумбо ја започнал европската колонизација која резултирала со смрт на десетици милиони староседелци.