Трамп повикува на брзо решавање на севернокорејското прашање

Американскиот претседател Доналд Трамп од Белата куќа во понеделникот повика на брзо решавање на севернокорејското прашање и заканите какви што претставуваат нејзините нуклеарни и балистички ракетни програми.

„Севернокорејскиот режим е извор на големи проблеми и тоа е нешто за што ќе треба да се погрижиме и тоа веројатно многу брзо“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп кој во Белата куќа го прими индискиот премиер Нарендра Моди.

Трамп му се заблагодари на Моди за тоа што „вовел нови санкции за севернокорејскиот режим“ кој продолжува со програмите за јакнење на својот воен потенцијал и покрај тоа што се забранети со низата резолуции од Обединетите нации.

Севернокорејското прашање дополнително се заостри откако минатата седмица почина американскиот студент Ото Вармбјер кој беше вратен во САД во кома откако 18 месеи мина во затвор во Северна Кореја поради кражба на пропаганден постер.

Трамп овој случај го нарече скандалозен, а Пјонгјанг му одговори дека станува збор за американска клеветничка кампања.

Северна Кореја ќе биде на дневниот ред на состанокот во Вашингтон подоцна седмицава меѓу Трамп и новиот јужнокорејски претседател Мун Јае-ин, кој се залага за дијалог со Пјонгјанг.

Во пресрет на оваа средба, официјален Пјонгјанг истакна дека Доналд Трамп наликува на германцскиот нацистички водач Адолф Хитлер, како и дека го олицетворува „нацизмот во XXI век“.

Трамп „ја следи диктаорката политика на Хитлер“ чија цел е да се подели светот на две категории – „пријатели и непријатели“ за да се оправда задушувањето на втората категорија, се наведува во текстот на службената севернокорејска новинска агенција KCNA.