Поранешниот американски претседател и републикански кандидат за Белата куќа, Доналд Трамп, изјави во саботата ноќта по европско време дека доколку не победи на претседателските избори во ноември годинава, тоа многу веројатно ќе значи крај на демократијата во САД.
Трамп говорејќи на предизборен собир пред своите поддржувачи во сојузната држава Охајо, го изјави тоа откако го повтори своето тврдење дека неговиот изборен пораз во 2020 година е чин на изборна кражба и лажирање на гласовите.
Во текот на говорот на отворено, често прекинуван со силни налети на ветер и реакции на одобрување од аудиториумот, Трамп предупреди дека доколку не извојува победа на изборите на 5-ти ноември многу веројатно ќе дојде крајот на американската демократија.
„Доколку не победиме на овие избори, мислам дека повеќе нема да имате нови избори во оваа земја“, рече Трамп.
Трамп, кој е обвинет во сојузната држава Џорџија за наводен обид да ги поништи резултатите од изборите во 2020-та кога неговиот тим бараше пребројување и проверка на гласовите пристигнати преку пошта, на манипулациите со машините за гласање и прекинот на пребројувањето на гласовите, претходно седмицава надмоќно обезбеди доволно делегати за и математички да ја добие републиканската номинација.
Повторувањето на изборното соочување од 2020 година со Бајден, веројатно ќе биде повторно тесна трка. Анкетата од минатата седмица на Reuters/Ipsos, покажала дека двајцата кандидати статистички се изедначени меѓу регистрираните гласачи.
Трамп го започна своето обраќање во Дејтон со оддавање почит на своите поддржувачи кои моментално се во затвор за немирите на вашингтонски Капитол на 6-ти јануари 2021 година, во обид да го блокираат потврдувањето на изборната победа на Џо Бајден, која во САД се прогласува ако тоа го гласаат електорите и не се потребни податоците од изборната комисија.
Трамп со салутирање ги поздрави осудените приврзаници и ги нарече „патриоти“ и „заложници“.
Поранешниот републикански претседател во своите предизборни говори сѐ почесто употребува дистописка реторика за состојбата во земјата водена од неолибертаријанските и неоконзервативните струи во американскиот политички естаблишмент.
Во средината на делот во својот говор за поставување тарифи за увезени автомобили и странска конкуренција за американската автомобилска индустрија, Трамп изјави: „Ако не бидам избран, тоа ќе биде крвопролевање за целата земја“.
Од неговата кампања подоцна на прашање преку социјалните мрежи на новинар од The New York Times појаснија дека тој мислел на економските последици. Кампањата на Бајден ги осуди „екстремизмот“, „жедта за одмазда“ и „заканите со политичко насилство“ на Трамп, одговарајќи на прашање во врска со оваа изјава на Трамп.
Трамп, исто така, упати апел до афро и хиспаноамериканците, гласачи кои веројатно како и муслиманските избирачи ќе играат клучна улога во одлучувањето за изборите во ноември. Трамп ја намалува разликата со Бајден во анкетите со не-белите гласачи, кои сочинуваа основен дел од гласовите на Бајден кога победи во 2020 година.
Трамп во неговото обраќање до малцинските гласачи ја наведе централната тема на кампањата, фактот дека премногу – со милиони илегални имигранти ја преминале границата меѓу САД и Мексико откако Бајден ја презеде функцијата.
„Никому не е повеќе нанесена штета од мигрантската инвазија на Џо Бајден отколку на нашата голема афроамериканска и шпанска заедница“, рече Трамп, наведувајќи дека илегалните имигранти ги преземаат работните места коишто ги заземаат вообичаено припадниците на овие две заедници.