Трамп: Путин само за мене ќе го ослободи американскиот новинар Гершкович

Доналд Трамп во четвртокот објави дека ќе ја искористи врската со рускиот претседател Владимир Путин за да го ослободи новинарот на The Waal Street Journal, Еван Гершкович, од руски затвор.

Трамп на својата социјална мрежа Truth Social напиша дека тоа ќе се случи набргу по претседателските избори во САД во ноември, на кои има намера да го победи претседателот Џо Бајден и да се врати во Белата куќа.

„Еван Гершкович, репортер на The Wall Street Journal, кој го држат руските власти, ќе биде ослободен речиси веднаш по изборите, но дефинитивно пред инаугурацијата. Тој ќе биде ДОМA, БЕЗБЕДЕН И СО СВОЕТО СЕМЕЈСТВО“, пишува Трамп.

„Владимир Путин, претседателот на Русија, ќе го направи ова за мене и за никој друг, и НИШТО НЕМА ДА ПЛАТИМЕ!“, додава републиканецот.

Трамп не нведува дали воопшто имал комуникација со Путин за ова правашање, ниту кажа на која основа верува дека рускиот лидер ќе го ослободи Гершкович.

Запрашан за коментар, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека Путин „се разбира дека не комуницирал со Доналд Трамп“.

Гершкович беше уапсен во Русија минатиот март под обвинение за шпионажа што тој, неговиот весник и администрацијата на Бајден ги негираа. Тој е во московски затвор повеќе од една година, а датумот на судење не е одреден. Путин во февруари изјави дека може да биде ослободен во замена за Русин во германски затвор обвинет за убиство на терорист од областа на јужен Кавказ во парк во Берлин.