Трамп: САД ќе ја „преземат“ Газа

САД ќе ја преземат контролата врз Газа, посочи американскиот  претседател Доналд Трамп, ветувајќи дека ќе ја обнови палестинската енклава разурната од војна и ќе создаде економски можности за нејзините идни жители. На прашањето дали ќе бидат распоредени американски војници, Трамп вети дека „ќе го направи тоа што е неопходно“.

Говорејќи во вторникот по состанокот со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Белата куќа, Трамп го повтори својот став дека Палестинците треба трајно да се преселат на друго место, додавајќи дека САД ќе ја „преземат“ Газа и ќе ги предводат напорите за расчистување на урнатините 15-месечната војна меѓу Израел и Хамас.

„САД ќе го преземат Појасот Газа. И ќе завршиме работа со тоа. Ние ќе го поседуваме и ќе бидеме одговорни за демонтирање на сите опасни неексплодирани бомби и друго оружје на локацијата“, рече Трамп.

Запрашан да разјасни што точно мислел со „преземање“, американскиот лидер рече дека предвидува „долгорочна сопственичка позиција“ која наводно ќе донесе „голема стабилност“ на целиот Блиски Исток. „Сите со кои разговарав ја сакаат идејата Соединетите држави да го поседуваат тоа парче земја, да го развиваат и да отворат илјадници работни места“, тврди Трамп.

Трамп, исто така, рече дека не ја исклучува можноста за распоредување американски војници за поддршка на неговиот план за развој на Газа. „Ќе направиме што е потребно. Доколку е потребно, ќе го направиме тоа. Ние ќе го преземеме тоа место“, рече тој.

Приближно 92 отсто од домовите во Газа се уништени или сериозно оштетени, а околу 1,9 милиони луѓе – повеќе од 90 отсто од населението на Газа – се раселени од избувнувањето на војната во октомври 2023 година, според ОН.

На прашањето кој ќе ја населува Газа штом САД ќе ја „преземат“ и дали палестинскиот народ ќе може да се врати, Трамп одговори: „Мислам дека потенцијалот во Појасот Газа е неверојатен. И мислам дека луѓе од целиот свет, ќе бидат таму и ќе живеат таму… Палестинците исто така“.

„Не сакам да бидам мудар човек. Но, ривиерата на Блискиот Исток – ова може да биде толку величествено“, додаде Трамп.