Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата повторно изјави дека Соединетите држави се подготвени за секоја варијанта во развојот на настаните во врска со нуклеарната и балистичката програма на Северна Кореја и постојаните закани од Пјонгјанг.
„Ние сме подготвени за сѐ. Толку сме подготвени, што нема да поверувате. Ќe бидете шокирани, доколку знаете колку сме подготвени, доколку тоа е потребно.“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервјуто за телевизиската мрежа Fox News.
„Ќе биде ли добро да не се направи тоа? Да. Ќе се случи ли тоа: Којзнае“, додаде Трамп, најверојатно алудирајќи на варијантата за употреба на воена сила против Северна Кореја.
Конфронтациите меѓу Вашингтон и Пјонгјанг се интензивираа по вербалното препукување меѓу челниците, и откако САД и Јужна Кореја одржаа масовни воени вежби симулирајќи напад врз Северна Кореја, поради нејзините зачестени тестирања на балистички проектили за кои се тврди дека можат да понесат нуклеарна боева глава и да достигнат цели на американскиот континент.
Од друга страна, Кина и Русија, соседи на Северна Кореја, го повикаа Пјонгјанг да стави мораториум на своите нуклеарни тестови и ракетни лансирања, а Вашингтон и Сеул да се воздржат од воените вежби кои ја дестабилизираат ситуацијата на Корејскиот полуостров.