Поранешниот американски претседател Доналд Трамп се изјасни пред судот во четвртокот дека не е виновен по обвинувањата за наводното поттикнување на обиди за промена на резултатите од претседателските избори во 2020 година, што обвинителството, во рамките на Министерството за правосудство, го карактеризираше како „незабележан обид за поткопување на темелите на американската демократија“.
На изјаснувањето на Трамп за вина пред судијката Моксила Упадјаја бил присутен и специјалниот советник Џејк Смит, кој ја надгледуваше истрагата. Читањето на обвиниението, кое траело околу половина час, се одржа на само километар од Капитол, зградата во којашто огромно мнозинство приврзаници на Трамп упаднаа на 6-ти јануари 2021 година во обидот да ги спречат електорите во Конгресот да го прогласат победник на изборите неговиот противник од Демократската партија, Џо Бајден, од кои многумина и до ден-денес сметаат дека изборните резултати биле лажирани за да го спречат републиканскиот кандидат да го освои вториот претседателски мандат.
„Не сум виновен“, рекол Трамп на судот во Вашингтон, како што пренесуваат медиумите, нагласувајќи го првиот збор.
На обвинението составено на 45 страници, специјалниот советник на обвинелството Смит ги обвинил Трамп и неговите поддржувачи дека наводно поттикнувале „лажни тврдења“ дека изборите се наместени, „ги лажеле државните и сојузни службеници да ги изменат резултатите“, како и дека наводно „составиле лажни листи од електори за да се обидат да му ги одземат“ гласовите на Бајден.
Трамп се соочува со четири точки од обвинениет, вклучително и за „конспирација (заговор) поради обид за измама, одземање на правото на граѓаните нивниот гласа да се брои и попречување на службената процедура“. За најтешката точка од обвинението можна е максимална казна затвор од 20 години.
Судењето ќе продолжи на 28-ми август пред окружната судијка Тања Сју Чуткан, по потекло од Јамајка. Тоа е пет дена по првата закажана републиканска дебата во предизборите за партиската претседателска номинација, но Трамп сѐ уште не потврди дали ќе учестува во неа.
Судијката Чуткан има намера да го одржи рочиштето во тоа време, соопшти нејзината сојузна колешка Упадјаја. Адвокатот на Трамп, Џон Лауро вложил приговор, наведувајќи дека обемноста на случајот и количеството материјал бараат многу време. Тужителот Томас Виндом се спротиставил велејќи дека случајот мора да тече по вообичаен ред, откако претходно во четвртокот Трамп оцени дека станува збор за обид на власта на демократите да се влијае врз текот на изборната кампања во којашто тој има предност.
Поранешниот претседател е пуштен без ограничување на движењето, а еден од условите за неговото пуштање е и да не разговара за случајот со ниеден од сведоците без присуство на својот адвокат.
Трамп: Ова е прогон на политичкиот ривал
Обвинението, како и другите судски процеси против него, Трамп ги нарече продолжување на „ловот на вештерки“ чијашто цел овојпат е да ја наруши неговата кампања во трката за Белата куќа. Во низата објави на социјалните мрежи, ја обвини администрацијата на претседател Бајден дека го напаѓа за да извлече политичка полза за демократите.
„Ова е многу тажен ден за Америка. Ова е прогон на политичкиот ривал. Ова никогаш не смееше да се случи во Америка“, изјави Трамп пред новинарите по сослушувањето пред да се качи во приватниот авион.
Трамп претходно се изјасни за невин и за обвинението дека незаконски заджрал доверливи документи и по напуштањето на претседателската должност и за наводното незаконско плаќање на порноактерка за нејзино молчење за нивна наводна врска пред кампањата за претседателските избори во 2016 година.
Наскоро Трамп би можел да се соочи и со нови обвиненија во сојузната држава Џорџија, каде што демократската обвинителка ги истражува неговите наводни „обиди за поништување на изборите резлтати“, иако неговиот тим тоа го правеше преку редовните судски претставки. Обвинителата од Атланта, Фани Вилис, рече дека обвинението ќе го поднесе кон средината на август.
„Потребно ми е уште едно обвинение да ги осигурам изборите“, напиша Трамп на социјалните прежи пред да се појави пред судот во четвртокот.
Речиси половина од испитаници републикански избирачи во анкетата на Reuters/Ipsos велат дека нема да гласаат за Трамп доколку биде осуден. Меѓутоа, истата анкета покажа и дека во трката за републиканската номинација за изборите има 47-процентна поддршка кај републиканците, додека најблизок противкандидат му е гувернерот на Флорида, Рон Десантис со само 13 отсто, а другите кандидати заостануваат далеку со едноцирена поддршка.