![donald tramp](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/03/donald-tramp.jpg?resize=650%2C365&ssl=1)
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека наскоро ќе се сретне со свернокорејскиот водач Ким Џонг-ун поради денуклеаризацијата на Корејскиот полуостров и додаде дека се надева оти Северна и Јужна Кореја е живеат во мир.
Говорејќи пред американските спортисти коишто во февруари учествуваа на Зимските олимписки игри во Јужна Кореја, претседателот Доналд Трамп го коментираше самитот меѓу севернокорејскиот и јужнокорејскиот челник, Ким Џонг-ун и Мун Џае-ин, изразувајќи надеж дека двете страни „еден ден ќе можат да живеат во склад, напредок и мир“.
„Се чини дека тоа е можно. Кога ја започнав, луѓето коментираа дека тоа е невозможно. Зборуваа дека постојат две алтернативи: или да ги пуштиме да го имаат тоа што го имаат или да тргнеме во војна. А сега имаме многу подобра алтернатива за којашто никој не помислуваше дека е можна“, истакна Трамп.
Ким и Мун на историскиот состанок на врвот во петокот се согласија дека ќе се стремат кон остварување на низа историски цели, вклучително и денуклеаризација на Корејскиот полуостров и официјално завршување на војната којашто во 1953 година заврши меѓутоа само со потпишување примирје.
Средбата на двајцата корејски претседатели е всушност вовед во уште понеочекуваниот самит меѓу Трамп и Ким. Според процените на аналитичарите, шансите тој состанок да биде успешен растат по успехот на денешната средба.