Американскиот претседател Доналд Трамп сè уште планира да го исполни своето ветување дека ќе воведе царини за Канада и Мексико во сабота, изјави денеска портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит.
Таа истакна дека Трамп, исто така, сè уште ги мери износите на новите царини за Кина, објави Ројтерс.
Трамп минатата недела рече дека на 1 февруари ќе објави царини од 25 отсто за Мексико и Канада, освен ако тие земји не помогнат во решавањето на трговијата со фентанил во САД и проблемот со имиграцијата.
Американскиот претседател претходно изјави дека ќе се обиде да воведе царини од 10 отсто за стоки од Кина.
Тој најави и дека ќе воведе царини за стоки од Европската унија, а за него посебен проблем е трговскиот биланс бидејќи ЕУ имаше суфицит во трговијата со САД во 2023 година.