Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека ќе има „големи неволји“ на Блискиот исток доколку израелските заложници држени во Појасот Газа не бидат ослободени пред неговата инаугурација на 20 јануари.
За време на напад без преседан во седумдеценискиот конфликт во јужен Израел во октомври 2023 година, милитантите предводени од Хамас заробија повеќе од 250 луѓе, според израелските податоци, вклучително и некои со двојно израелско-американско државјанство.
Се верува дека околу половина од 101 странски или израелски заложници кои сѐ уште се држат во Газа се живи.
Небирајќи зборови во коментарите за судбината на заложниците, Трамп на социјалните мрежи наведе: „Ако заложниците не бидат ослободени пред 20 јануари 2025 година, датумот кога гордо ја преземам функцијата претседател на Соединетите држави, ќе има МНОГУ ГОЛЕМИ НЕВОЛЈИ во Блискиот исток и за оние кои се одговорни за извршување на овие злосторства против човештвото“.
„Одговорните ќе бидат погодени посилно од кога и да е во долгата и легендарна историја на Соединетите Американски Држави“, додаде тој.
Хамас повика на прекин на војната и целосно повлекување на Израел од Газа како дел од договорот за ослободување на преостанатите заложници. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пак, рече дека војната ќе продолжи сѐ додека Хамас не биде искоренет и повеќе нема да претставува закана за Израел.
Во понеделникот Хамас соопшти дека 33 заложници биле убиени, повеќето во израелски огана во Газа за време на речиси 14-месечната војна меѓу палестинската милитантна група и Израел во енклавата, без да ја наведе нивната националност.
Израел ја започна војната откако борците предводени од Хамас ги нападнаа израелските заедници на 7 октомври 2023 година, убивајќи 1.200 лица од кои 900 цивили, според израелските податоци.
Во израелската воена офанзива загинаа повеќе од 44.400 Палестинци,меѓу кои две третини се деца и жени, а повеќепати беа раселувани речиси 2,4 милиони жители на тесната пренаселена крајбрежна енклава, која е речиси срамнета со земја.