Трамп телефонски „го советувал“ Путин да не ескалира во Украина, пишува WP

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во четвртокот телефонски разговарал со рускиот претседател Владиир Путин за војната во Украина, објави во неделата весникот The Washington Post (WP) повикувајќи се на информирани неименувани извори.

Трамп „го советувал“ Путин да не ја ескалира војната во Украина и го потсетил на „значајното воено присуство на Вашингтон во Европа“, пишува весникот.

Официјална потврда за оваа информација засега нема ниту од Вашингтон, ниту од Москва.

Според WP, Трамп и Путин разговарале за ситуацијата во Украина. Разговарале за целта за воспоставување мир на европскиот континент, а Трамп изразил заинтересираност во следните разговори да го разгледаат „брзото решавање на војната во Украина“, пишува натаму весникот.

За време на предизборната кампања, републиканецот изјави дека има намера да го реши украинскиот конфликт што е можно поскоро, но не даде детали како ќе го направи тоа.

Според WP, Трамп приватно посочил дека ќе поддржи договор со кој Русија ќе задржи дел од територијата која сега ја контролираат руските сили, а тој накратко и го покренал прашањето за териториите за време на телефонскиот разговор со Путин.

Покрај тоа, според WP, украинската влада била информирана за телефонскиот разговор и не се противела на разговорот. Украинските власти одамна сфатија дека Трамп со Путин ќе разговара за дипломатско решавање на украинскиот конфликт, велат соговорниците на The Washington Post.

Трамп во средата разговарал и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, според извештаите на медиумите.

Кремљ во петокот објави дека Путин е подготвен да разговара со Трамп за Украина, но дека тоа не значи дека е подготвен да ги промени барањата на Москва.

На 14-ти јуни Путин ги претстави своите услови за завршување на војната, според кои Украина ќе мора да се откаже од амбициите за НАТО и да ја повлече својата војска од целата територија на четирите региони.

Украина го отфрли ова, велејќи дека тоа ќе биде еднакво на капитулација, а украинскиот претседател Володимир Зеленски подоцна го претстави својот „план за победа“ кој вклучува дополнителна воена поддршка од Западот.