Трамп тврди дека се договара неговата средба со Путин

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека се договара средба меѓу него и рускиот претседател Владимир Путин.

„Тој сака да се сретнеме, а ние тоа го договараме. Тој дури и јавно го кажа и мораме да ставиме крај на оваа војна“, рече Трамп пред средбата со републиканските гувернери во Мар-а-Лаго во Палм Бич, на Флорида но не одреди временска рамка кога би требало да се одржи таа средба.

Враќањето на Трамп во Белата куќа на 20-ти јануари ги зголеми надежите за дипломатско решение за ставање крај на руската инвазија во Украина која започна во февруари 2022 година, но исто така поттикна стравувања во Киев дека брзиот мировен договор може да има висока цена за Украина, пишува Reuters.

Имено, некои од советниците на Трамп изнесоа одредени предлози за прекин на војната со кои во догледна иднина практично би ѝ се отстапиле на Русија големи делови од земјата, главно населени со доминатно руско и рускојазично население и кои прогласија независност уште во 2014 година по мартовскиот преврат во Киев поддржан од Западот.

Од почетокот на руската инвазија која Москва ја правда со спречување на планиран во Киев погром на тамошното руско население и обезедување безбедност на Русија имајќи ги предвид амбициите на украинската власт да ја внесат земјата во НАТО, САД под претседателот Џо Бајден ѝ обезбедија на Украина воена и безбедносна помош вредна повеќе од 175 милијарди долари. Сепак, неизвесно е дали помошта ќе продолжи со тоа темпо под Трамп, кој рече дека сака брзо да ја заврши војната. Но и во првиот мандат на Трамп, Киев добиаше огромна воена помош во опрема, пари и обука.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, претходно во четвртокот изјави дека Путин ќе ја поздрави желбата на Трамп за контакт, но дека досега немало официјални барања. „Посоодветно би било да се почека Трамп прво да ја преземе функцијата“, рече Песков.