Трамп тврди дека жителите на Гренланд сакаат да бидат со САД

Грендландците би сакале да бидат дел од Соединетите држави, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во обраќањето во авионот „Air Force One“, објавија во неделата новинарите кои патуваа со претседателот.

„Мислам дека Гренланд ќе биде со нас. Мислам дека ќе го имаме. И мислам дека луѓето сакаат да бидат со нас, како што знаете. Има 55.000 луѓе таму, кои сакаат да бидат со нас“, рекол Трамп.

Додал дека всушност не знае какви права има Данска врз автономната територија, но додаде дека данското одбивање би било „многу непријателски чин“.

Гренландскиот премиер Муте Егеде претходно изјави дека народот на Гренланд ќе одлучува за иднината на територијата. Данската премиерка Мете Фредериксен ги поддржа неговите изјави.

Висок воен претставник на Европската унија, генералот Роберт Бригер, рече дека би имало смисла да се стационираат и сили од земјите на ЕУ на Гренланд, според интервјуто за германски весник Welt am Sonntag објавено во саботата, бидејќи американскиот претседател Доналд Трамп изрази интерес за преземање на данската територија.

„Според мене, би било сосема логично не само да има американски сили на Гренланд, како што беше случај досега, туку и да размислиме за стационирање војници на ЕУ таму во иднина“, рече претседателот на Воениот комитет на Европската унија.

„На крајот на краиштата, за таков чекор ќе биде потребна политичка одлука“, вели генералот со австриско потекло.

Воениот комитет е највисоката воена канцеларија на Европскиот совет, но служи како советодавно тело бидејќи Унијата нема своја армија. НАТО предводен од САД е главниот воен сојуз за ЕУ.

Иако Гренланд не е дел од ЕУ, бидејќи е прекуморска територија на Данска, Европејците, како и САД, имаат интереси во Гренланд, додава генералот, наведувајќи ги нејзините суровини и стратешката локација.

„Меѓутоа, со зголеменото топење на мразот како резултат на климатските промени, тоа исто така создава одреден потенцијал за тензии со Русија, а можеби и со Кина“, вели генералот Бригер.

Трамп не ја отфрли можноста да користи воен или економски притисок за да ја принуди Данска да го предаде островот. Стратешката локација на Гренланд по најкратката рута од Европа до Северна Америка е од витално значење за американскиот систем за предупредување за балистички ракети и го направи приоритет за Трамп.

Бригер вели дека се надева дека САД, како членка на Обединетите нации, ќе ја почитуваат неповредливоста на границите како што е наведено во Повелбата на ОН.

Гренланд, најголемиот остров во светот, во голема мера се самоуправува под данската круна, а одбраната и надворешните работи ги осигурува Данска. Во моментов САД имаат воена база на северот од островот.

„Во моментов имате руски бродови, имате кинески бродови, имате бродови од различни земји. Тоа не е добра ситуација и верувам дека ќе ја добиеме (Гренланд)“, рекол Трамп.