Трамп уверува дека Кина ќе ги намали царините на автомобилите од САД

Кина се согласила да ги намали царините под досегашните 40 отсто на автомобилите произведени во САД, изјави американскиот претседател Доналд Трамп, откако се проценува дека стивнала трговската војна меѓу првата и втората економија во светот.

Во саботата на маргините од самитот на Г20 во аргентинската престолнина Буенос Аирес, американскиот и кинескиот претседател, Доналд Трамп односно Кси Џинпинг, се договориле дека нема да воведуваат нови царини, по неколкуте месеци зголемени тензии поради трговските и другите политички прашања. Средбата траела два и пол часа, и САД се откажале од најавеното зголемување на царините од први јануари, додека Кина се согласила да купува повеќе американски земјоделски производи.

„Кина се согласи да ги намали и укине царините на увозот на автомобили кои во Кина доаѓаат од САД. Моменталната царина е 40 отсто“, напиша Трамп на Twitter во понеделникот утрото.

Двете страни, исто така, се согласиле да започнат разговори за начинот на решавањето на другите проблеми, што го вклучува и прашањето на заштитата на интелектуалната сопственост, нецаринските бариери и кибернетичките кражби. Сепак, Белата куќа изјави дека постојните царини од 10 отсто на 200 милијарди вредниот увоз на кинески стоки, ќе бидат зголемени на 25 отсто, доколку не биде постигнат договор во рок од 90 дена.

Пренабрегнувајќи ги многубројните предупредувања од економистите и глобалните компании, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп кон крајот на септември воведе царински давачки од 10 отсто на 200 милијарди долари увоз од Кина. Пекинг, возврати во истиот момент со наметнување нови царински намети од 5 до 10 отсто на американски производи кои претставуваат 60 милијарди долари годишен увоз во Кина,

Трамп со месеци наназад ги предупредуваше кинеските партнери да прекинат трговските практики коишто ги смета за нечесни. Посебно му пречи што за возврат за пристапување на кинескиот пазар, американските компании мораат да ги делат со локалните партнери дел од своето технолошко знаење што тој го споредува со „кражба“ на интелектуалната сопственост.

Американскиот претседател веќе ова лето воведе царини од 25 отсто на 50 милијарди долари кинески производи. Соочен со идентична одмазда Пекинг, одлучи да оцарини дополнителни кинеските производи вредни од 200 милијарди долари. Вашингтон од март царини под изговорот „националната безбедност“ челик и алуминиум кој увезува на ниво од 25 отсто односно 10 отсто.