Трамп вели дека американските Евреи ќе бидат делумно виновни доколку тој ги загуби изборите

Републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп изјави во четвртокот дека еврејските американски гласачи ќе бидат делумно виновни доколку тој ги загуби изборите на 5 ноември и победи актуелниот потпретседатла и кандидатка на демократите Камала Харис.

Во говорот на Националниот самит на израелско-американскиот совет во Вашингтон, поранешниот американски претседател се пожали дека заостанува зад Харис меѓу американските Евреи.

Израел најверојатно ќе престане да постои во рок од две години доколку Харис победи на изборите, а Евреите ќе бидат делумно виновни за таквиот исход, бидејќи тие имаат тенденција да гласаат за демократите, тврди Трамп.

„Ако јас не победам на овие избори, а еврејскиот народ, ако тоа навистина се случи, ќе има многу врска со тоа бидејќи 40 отсто, мислам, 60 отсто од нив гласаат за непријателот. Израел, според мое мислење, ќе престане да постои во рок од две години“, рече Трамп пред насобраните.

Трамп се осврна на анкетата која покажа дека Харис освоила 60 отсто од гласовите меѓу американските Евреи. Во исто време, тој изрази жалење што на изборите во 2016 година, на кои тој победи, и на изборите во 2020 година, на кои победи демократскиот претседател Џо Бајден, доби помалку од 30 отсто од гласовите на американските Евреи.

Не е јасно на која анкета се повикува поранешниот претседател, но неодамнешната анкета на Pew Research покажа дека американските Евреи ја поддржуваат Камала Харис пред Трамп – 65 наспроти 34 проценти.

Трамп даде слична изјава на посебен самит одржан претходно истата вечер во Вашингтон, посветен на борбата против антисемитизмот во Америка. Тој направи приоритет во својата кампања да ги придобие еврејските гласачи во клучните држави за победа.

Американските Евреи со децении ги фаворизираа демократите на федералните избори, а тоа не се промени до денес, но само мала промена во нивниот глас може да го одреди победникот во ноември.

На пример, повеќе од 400.000 Евреи живеат во клучната сојузна држава која го одредува победникот на изборите – Пенсилванија. Таму, во 2020 година, Бајден победи со предност од 81.000 електорски гласови.

Пред говорот на Трамп, портпаролот на кампањата на Камала Харис, Морган Финкелштајн го критикуваше поранешниот претседател дека повремено се поврзува со антисемитисти. Трамп ги отфрли сите обвинувања за антисемитизам, истакнувајќи во говорот во четвртокот дека неговиот зет е Евреин.

Но, во истиот говор, тој не одговори на извештајот на CNN објавен претходно истиот ден во врска со изјавата на републиканскиот кандидат за гувернер на Северна Каролина, Марк Робинсон. Во него, Робинсон, наводно, еднаш се нарекувал себеси „црн нацист“ во коментарите објавени на порнографска веб-страница и се залагал за враќање на ропството.