Трамп вели дека американските предградија се „под напад“, Харис го нарече „нестабилен“

Републиканецот Доналд Трамп предупреди дека предградијата ширум САД се „под напад“ од криминалци, а неговата демократска ривалка Камала Харис рече дека поранепниот претседателстанува “сè понестабилен“, откако и двајцата одржаа предизборни собири во саботата, само три дена пред претседателските избори.

Со оглед на тоа што анкетите предвидуваат историски тесни избори во вторник, Трамп и Харис се задржаа на познатите теми.

На собирот во Гастонија, во сојузната држава Северна Каролина, Трамп рече дека ќе депортира милиони имигранти доколку биде избран и предупреди дека ако победи Харис, „секој град во Америка ќе биде претворен во беден, опасен бегалски камп“.

За време на предизборниот собир во Атланта, Харис, пак, рече дека поранешниот републикански претседател ќе ја злоупотреби својата моќ доколку се врати во Белата куќа.

„Ова е некој кој е сè понестабилен, опседнат со одмазда, обземен од жалост, а човекот сака неконтролирана моќ“, рече таа.

Повеќе од 72 милиони Американци веќе гласале, според изборната лабораторија на Универзитетот во Флорида, што е помалку од рекордното темпо на предвременото гласање во 2020 година за време на пандемијата ковид-19, но сепак укажува на високо ниво на ентузијазам на гласачите.

Харис подоцна во текот на саботата ќе одржи собир со рок-ѕвездата Џон Бон Џови во Шарлот, најголемиот град во Северна Каролина.

Ова е четврти ден со ред како кандидатите водат кампања во истата држава.

Околу четири милиони луѓе веќе гласаа во Северна Каролина, а западните окрузи опустошени од ураганот Хелена се чини дека гласаат со приближно иста стапка како и остатокот од државата, според професорот на политички науки на колеџот Катавба, Мајкл Бицер.

Трамп го критикуваше одговорот на федералната влада на катастрофата и го повтори своето тврдење дека помошта била пренасочена од државата за да им се помогне на имигрантите кои влегуваат во земјата.

Тој, исто така, рече дека жителите на предградијата на САД, кои традиционално се сметаат за засолништа на криминалот и други опасности, се изложени на ризик.

„Приградијата се нападнати во моментов. Кога сте сами во вашата куќа и го имате тој монструм кој штотуку излезе од затвор, знаете, шест обвиненија за убиство на шест различни луѓе“, рече меѓу друото Трамп алудирајќи на локална тема.

Бројот на насилни злосторства опадна во САД минатата година. Сепак, Трамп и неговите сојузници го нагласија криминалот во кампањата и сугерираат дека имигрантите се одговорни за тоа.

Северна Каролина го поддржа Трамп во 2020 година со тесна разлика од помалку од 1,5 процентни поени но избра демократски гувернер истиот ден, давајќи им сега надежи и на двете партии.

По Гастонија, Трамп продолжува со собир во Салем, во Вирџинија, иако се смета дека оваа држава најверојатно нема да го поддржи за претседател, а тој ќе се врати во Северна Каролина на собир во Гринсборо вечерта во саботата.