Трамп вели дека имал „многу добар“ телефонски разговор со Зеленски кој се согласил на средба

Поранешниот американски претседател и кандидат за нов мандат на изборите во ноември, Доналд Трамп, објави ноќта кон саботата дека имал „многу добар“ телефински разговор со украинскиоте претседател Володомир Зеленски“.

„Зеленски и јас имавме многу добар телефонски повик претходно денеска (во петокот). Тој ми честиташе за многу успешната Национална републиканска конвенција и што станав републикански кандидат за претседател на Соединетите држави“, се вели во соопштението на страницата на Трамп на неговата социјална мрежа Truth Social.

Според поранешниот претседател, доколку победи на претседателските избори во САД во ноември, тој „ќе донесе мир и ќе стави крај на војната“.

„Двете страни можат да се соберат и да преговараат за договор што ќе стави крај на насилството и ќе го отвори патот кон просперитетот“, ветува Трамп во објавата.

Повеќепати Трамп изјавуваше дека доколку биде избран, ќе стави крај на секој меѓународен конфликт во светот „што го создаде сегашната администрација“ на претседателот Џо Бајден, вклучително и украинската војна.

За време на изборната дебата на 27-ми јуни, републиканскиот кандидат вети дека ќе постигне решение за овој конфликт уште пред неговиот можен реизбор и полагање заклетва за претседател на 20-ти јануари 2025 година. Во исто време, тој нагласи дека конфликтот во Украина „никогаш немаше да се случи“ доколку Москва го почитуваше американскиот претседател.

Зеленски, пак, на социјалната мрежа Х напиша дека се согласил да биде договорена лична средба со претседателскиот кандидат на која ќе разговараат за „конкретни мировни чекори“, и го осудил неодамнешниот атентат врз Трамп.

„Му посакав сила и апсолутна сигурност во иднина“, пишува Зеленски во својот пост на Х.

Додава дека Украина „секогаш ќе им биде благодарна на Соединетите држави што помогнаа да се зајакне нашата способност да се спротивставиме на рускиот терор. Руските напади врз нашите градови и села продолжуваат секој ден“.