Трамп во драматично обраќање: Не очекуваат најтешки недели

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека на САД им следуваат најтешки недели во борбата против коронавирусот, предупредувајќи дека ќе има многу смртни случаи.

– Ќе има многу мртви, рече Трамп во своето дневно обраќање пред новинарите за пандемијата на Ковид-19.

Тој сепак во неколку наврати се осврна на потребата САД повторно да се отворат за бизнис.

– Мора повторно да ја отвориме нашата земја. Не сакаме да го правиме ова со месеци, месеци и месеци. Државата не е подготвена за тоа, рече американскиот претседател.

Тој исто така додаде дека што е можно побрзо треба да се овозможи и одржување спортски настани и да се отворат рестораните.

Здравствените експерти во Белата куќа неодамна проценија дека САД би можеле да се соочат со 100.000 до 240.000 смртни случаи од Ковид-19.

– Веројатно никогаш не сме виделе такви бројки. Можеби за време на војната, за време на Првата и Втората светска војна, рече Трамп.

Тој додаде дека 1.000 војници ќе бидат испратени во Њујорк, вклучително и воени лекари и медицински сестри.

Трамп исто така најави дека 29 милиони дози на лекови против маларија ќе бидат ставени во националните резерви за пациентите со коронавирус, и истакна дека медицинската и заштитната опрема им се испраќа прво на оние на кои им е најпотребна.