Трамп во ОН: Иран сее хаос, смрт и разорувања

Американскиот претседател Доналд Tрамп го нападна во Обединетите нации во вторникот Иран обвинувајќи го дека „сее хаос, смрт и разорувања“ на Блискиот исток.

Обраќајќи се на Генералното собрание на ОН во Њујорк, американскиот петседател Доналд Трамп ја бранеше одлуката за истапувањето на САД од сеопфатниот меѓународен договор со Иран со кој се стави под контрола нуклеарната програма на оваа земја.

Трамп се фалеше дека неговата администрација постигнала „повеќе од која и да е друга“ во американската историја. Но неговите изјави наидоа на потсмев во салата, на што американскиот претседател возврати „Не очекував таква реакција, но тоа е во ред“. „САД се посилни, побогати и посигурни“, беше упорен Трамп.

Зборуваше и во прилог на својата администрација во контекстот на затоплувањата на односите со Севертна Кореја, како и за заострувањата со Кина. Една од клучните точки од говорот на Трамп беше правото на САД да одат по својот пат.

„Го почитувам правото на секоја нација во оваа сала да живее според сопствените обичаи, верувања и традиција… САД нема да ви говорат како да живеете и што да правите. Единствено што бараме за возрат е да го почитувате нашиот суверенитет“, истакна Трамп.

Американскиот челник се нафрли на Иран велејќи дека неговите челници „сеат хаос, смрт и разорувања“. „Не ги почитуваат своите соседи, границите ниту суверените права на нацијата. Наместо тоа, иранските челници ги користат националните ресурси за сопственото богатење и за ширење на злосторствата на Блискиот исток и пошироко“, тврдеше Трамп и додаде дека американската одлука за повторното воведување на санкциите ја поздравиле другите блискоисточни држави.

Договорот со Иран и шесте светски сили: САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Германија, беше постигнат по долги преговори во 2015 година во последната година од вториот мандат на претходниот американски претседател Барак Обама. Со него Иран се обврза да го сопре збогатувањето на ураниум над 5 отсто и да дозволи ненајавени меѓународни инспекции на неговите нуклеарни постројки за возврат на ублажување а потоа и укинувањето на децениските економски санкции. Трамп, кој и пред да стане претседател го критикуваше нуклеарниот договор во настојувањата за повторно приближување со Израел, во мај годинава ги повлече САД од договорот и повторно наметна санкции за Иран. Техеран, пак, од своја страна го обвинува Трамп дека води „психолошка војна“ против оваа земја.

Зборувајќи за Северна Кореја, Трамп рече дека неговата средба со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун во Сингапур во јуни годинава довела до развој на настаните каков само неколку месеци претходно никој не можел ниту да го замисли. Истакна дека севернокорејските ракети и проектили престанаа да летаат во регионот и дека се прекинати нуклеарните тестирања.

„Со поддршката на бројни тука присутни земји, започнавме да соработуваме со Северна Кореја за спиралата на судири да ја замениме со смела и нова потрага по мирот“, истакна Трамп. Додаде дека наскоро осчекува нов самит со Ким.