Трамп во разговорите со челниците на Г7 рекол дека Крим е руски

Американскиот претседател Доналд Трамп во разговорите со челниците на другите земји од групата седум индустриски најразвиени во светот Г7 изминатиот викенд во Канада, покрај пораката дека треба да се размисли за враќање на Русија во форматот Г8, рекол и дека црноморскиот полуостров Крим е руски, што е една од причините за суспендирањето на Москва од ова друштво, објави во четвртокот порталот BuzzFeed News повикувајќи се дипломатски извори.

„Доналд Трамп им кажа на челниците на Г7 декан Крим е руски, бидејќи сите што живеат таму зборуваат руски“, рекол соговорникот на порталот.

Истиот извор, исто така, рекол дека Трамп ја довел во прашање поддршката којашто лидерите на Г7 му ја даваат на Киев, бидејќи „Украина е една од најкорумпираните земји на светот“.

Соговорникот прецизирале дека Трамп ова го рекол минатиот петок во текот на официјалниот работен ручек, на кој се собраа челниците на ткн Голема седумка.

Порталот забележува дека во моментов не е јасно дали изјавите на американскиот претседател бил „шега кажана во минување„ или тие „сигнализираат радикално отстапување од актуелната надворешна политика на САД“.

По бунтот со кој на почетокот од 2014 година во Киев беше воспоставена власт поддржана од Западот и носењето на неколку закони со кои беа одземени ингеренции на регионите, мнозинското руско и рускојазично население на Крим одржа референдум на кој си ја поврати автономијата укината во 1990-те и изгласа присоединување кон Руската Федерација. За повторно обединување со Русија, од чии рамки како автономна покраина е одвоена во 1950-те година на СССР гласаа 96,77 отсто од гласачите на Крим и 95,6 отсто од жителите на Севастопол.

Западот не го признава референдумот и тврди дека станува збор за нелегална руска анексија на украинска територија. Поради тоа, администрацијата на поранешниот американски претседател Барак Обама воведе неколкукратни санкции против Русија која ја обвинува дека се меша и во војната во југоисточните украински региони, а потоа под притисок од Вашингтон и неговите главни сојузници истото го стори и Европската унија.