Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека се залага платформата за размена на куси видео материјали TikTok да продолжи да работи во земјата барем некое време, тврдејќи дека добил „милијарди прегледи“ на оваа социјална платформа за време на претседателската кампања.
Коментарите на Трамп пред мноштвото конзервативни поддржувачи во Феникс, во сојузната држава Аризона, беа еден од најсилните сигнали досега за неговото противење на можното протерување на TikTok од американскиот пазар.
Во април Сенатот усвои закон со кој се бара од матичната компанија на TikTok, кинеската „ByteDance“, да ја продаде апликацијата, повикувајќи се на загриженост за националната безбедност.
Сопствениците на TikTok се обидоа да го поништат законот, а Врховниот суд на САД се согласи да го сослуша случајот. Но, доколку судот не донесе одлука во полза на „ByteDance“ и продажбата не се случи, забраната за апликацијата во САД би можела да стапи на сила на 19-ти јануари, ден пред Трамп да ја преземе функцијата претседател.
Нејасно е како Трамп би постигнал поништување на одлуката за задолжителна продажба на TikTok, која беше изгласана со големо мнозинство во Сенатот.
„Мислам дека ќе треба да почнеме да размислуваме за тоа затоа што, знаете, отидовме на TikTok и имавме одличен одговор со милијарди прегледи, милијарди и милијарди прегледи“, изјави Трамп пред присутните на AmericaFest, годишен собир организиран од конзервативната група Turning Point.
„Ми ги покажаа бројките, тие беа рекордни, и беше толку убаво да се види, и додека ја гледав, реков ‘добро, можеби треба да го задржиме овој јадник уште некое време“, рече тој.
Трамп во понеделникот се сретна со извршниот директор на TikTok. На прес-конференција истиот ден, тој рече дека TikTok „му е мил“ благодарение на успехот на неговата кампања на апликацијата.
Американското Министерство за правда тврди дека кинеската контрола над TikTok претставува континуирана закана за националната безбедност, позиција што ја поддржуваат повеќето американски законодавци. Упрвата на „ByteDance“ ги отфрла обвинувањата дека дејствува во полза на владата на Кина и по нејзини насоки.
„Ден на ослободувањето“
Во неделата во Феникс, Трамп повторно се сврте кон имиграцијата, уште една централна тема во неговата кампања. Вети дека на неговиот прв ден на функцијата ќе потпише „серија одлуки за затворање на нашата граница за илегалните имигранти и запирање на инвазијата на нашата земја. А истиот ден ќе ја започнеме најголемата операција за депортација во историјата на САД“.
„20-ти јануари навистина ќе биде ден на ослободување во Америка“, рече тој за време на настан организиран од Turning Point USA, конзервативна младинска организација.
Најави и дека ќе го запре „трансродовото лудило“ уште на првиот ден на функцијата, наведувајќи дека под негова администрација ќе има два пола – машки и женски.
„Ќе потпишам извршни уредби за ставање крај на сексуалното осакатување на децата, за исклучување на трансродовите лица од војската и исклучување од нашите основни и средни училишта“, рече Трамп .
Трамп им вети на толпата млади конзервативци „да ги држи мажите надвор од женскиот спорт“, додавајќи дека „официјалната политика на владата на Соединетите држави ќе биде дека има само два пола – машки и женски“.