Републиканскиот кандидат за американски претседател Доналд Трамп во понеделникот изјави дека украинскиот претседател Володимир Зеленски сака неговата демократска противкандидатка Камала Харис да победи на изборите во ноември.
„Мислам дека Зеленски е најдобриот продавач во историјата“, рече поранешниот претседател на собирот во Пенсилванија, сојузната држава која може да биде одлучувачка на изборите.
Зеленски, исто така, беше во Пенсилванија во неделата, кога посети фабрика за муниција во Скрентон, како дел од пошироката турнеја за зајакнување на американската поддршка во борбата против руската агресија.
„Секогаш кога ќе дојде во земјава си заминува со 60 милијарди долари. Тој многу сака тие (демократите) да победат на изборите, но јас би го направил тоа поинаку, ќе работам за мир“, рече Трамп.
Поранешниот претседател на САД постојано тврди дека ќе може да преговара за крај на конфликтот, но не откри како ќе го направи тоа и не сакаше јасно да одговори на прашањата што му ги поставуваа протиивниците да каже дали сака Украина „да ја победи“ Русија. На Трамп, исто така, му е припишувано дека се заканувал дека ќе ја прекине американската помош за Киев, но Москва потсети дека токму во неговиот мандат Украина добила најголема воена помош пред избувнувањето на војната.
Иако избегна експлицитно да го именува Трамп, Зеленски за време на интервјуто минатиот петок рече дека западните партнери „сè уште денес, додека сите функционери кои сакаат победа на Украина се на нивните позиции“ мора да направат сѐ што можат Киев да ја добие војната.
Ривалката на Трамп, Камала Харис, го критикуваше републиканецот за неговиот став за војната за време на претседателската дебата, велејќи дека рускиот претседател Владимир Путин „во моментов би седел во Киев“ доколку републиканецот сè уште беше во Белата куќа.
Зеленски треба да се сретне со Трамп во наредните денови, откако ќе разговара со актуелниот претседател Џо Бајден и Харис и ќе учествува на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Посетата на Зеленски на Пенсилванија ја користи Харис, која сака да добие поддршка од 750.000 американски Полјаци во таа сојузна држава. Во 2020 година, Бајден таму го победи Трамп со 80.000 гласови повеќе.
Кабинетот на украинскиот претседател соопшти дека Зеленски бил во Пенсилванија за да ја изрази својата благодарност до фабриката за муниција во Скрантон чии гранати ги користи украинската војска.
„Ова е клучна фабрика, само поради нас го зголемија производството на гранати од 155 милиметри. И логично беше да им се заблагодарам“, изјави за Politico анонимен украински функционер близок до претседателот.
.