„Транспаренси интернешнл“: Собранието го поткопа судството во Македонија

Во септември 2023 година, Собранието на Македонија значително го поткопа судството, објави „Транспаренси интернешнл“ во својот најнов извештај за перцепција за корупцијата во јавниот сектор во 2023 година.

„Во нетранспарентна и брза постапка пратеници го изменија Кривичниот законик со намалување на затворските казни и го скратија рокот на застареност за злоупотреба на службената положба“, се вели во извештајот.

Во него се нагласува дека ова „ќе предизвика околу 200 сомнителни случаи на корупција да бидат отфрлени, од кои многу вклучуваат поранешни високи функционери“.

Индексот користи скала на бодови од нула, што означува многу корумпирана земја, до 100 или некорумпирана земја. Македонија има 42 бода. Рангирана е на 76 место од 180 држави.

Според извештајот, маргинализираните групи поверојатно е да бидат мета на корумпирани актери, а властите ниту ги заштитуваат нив, ниту ги казнуваат сторителите.

Родова нееднаквост и нерамнотежата на моќ ги прави жените и девојките поранливи на одредени видови корупција, пишува во извештајот.

„Кога правдата се купува или политиката се меша во неа, луѓето се тие кои страдаат. Лидерите треба целосно да инвестираат и да ја гарантираат независноста на институции кои го спроведуваат законот и се справуваат со корупцијата. Време е да се стави крај на неказнивоста за корупција“, вели „Транспаренси Интернешнл“.