Трас вели дека Британија ќе го „чува мирот“ на Балканот

Министерката за надворешни работи на Велика Британија, Лиз Трас, изјави во четвртокот во босанско-херцеговската престолнина Сараево дека нејзината земја сака да биде „предводничка на напорите за зачувување“ на мирот и стабилноста на западен Балкан и оти ќе се спротистави на влијанието на Русија во регионот.

Трас престојуваше во официјална посета на БиХ, а по состанокот со министерката за надворешни работи Бисера Турковиќ за новинарите изјави дека сака Велика Британија да биде „предводничка во обезбедување на мирот за злосторствата како опсадата на Сараево и геноцидот во Сребреница никогаш повеќе да не се повторат“.

Најави посебен пакет финансиска поддршка за западен Балкан од 100 милиони долари до 2025 година, чијашто цел е да се помогне економскиот напредок а со тоа и стабилноста на регионот, а предупреди и на опасноста која ја носи војната во Украина.

„Заканите на Русија за враќање во мрачните денови мора да бидат запрени“, рече Трус додавајќи дека е „јасно видливо руското мешање“ во внатрешните работи на БиХ.

Истакна дека сега е најважно да ѝ се помогне на Украина, а воедно да се биде сигурен дека рускиот претседател Владимир Путин ќе ја „загуби војната којашто ја започна и дека Русија веќе никогаш нема да може да претставува закана за мирот“.

„Ќе им помогнеме не со тоа што ќе му се додворуваме на Путин“, рече Трус, која доживеа голема бламажа на прес-конференцијата со шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров во Москва непосредно пред почетокот на руската инвазија во Украина.

Британската министерка додаде дека на Украина, покрај помошта во оружје ѝ е потребен и нов Маршалов план за обнова.

„Страшен е обидот на Русија гладта да ја користи како оружје“, рече Трас и без аргументи порача дека „Путин мора да ја укине блокадата на извозот на украинското жито“, како и дека „не доаѓа предвид никакво“ укинување на санкциите против Русија или „додворување коешто Путин би го направило посилен“.

Велика Британија, уверува Трус, останува определена да го поддржи мирот и стабилноста на западен Балкан и да му се спротистави на „малигното влијание“ на Русија во регионож

Владата на британскиот премиер Борис Џонсон претходно годинава воведе санкции за српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик и за претседателката на Република Српска, Жељка Цвијановиќ, обвинувајќи дека се наводно одговорни за спроведување политики со коишто наводно се поткопува Дејтонскиот договор и со закана за сецесија на српскиот ентитет.

Додик одговори дека токму британската поддршка на бошњачките партии во БиХ кои сакаат да ги мајоризираат српскиот и хрватскиот ентитет како конститутивни во БиХ е поткопување на Дејтонскиот договор и ги отфрли инсистирањата под управа на Федерацијата БиХ да бидат сектори во Република Српска, кои не се опфатени со споменатиот договор.

Трус во четвртокот рече дека со таквите казнени мерки ќе се продолжи „против сите коишто го поткопуваат мирот и стабилноста“ во БиХ. Рече и дека изборите во октомври мора да се одржат по постојните правила, на што забелешки има првенствено хрватскиот ентитет.