Руската тенисерка Дарија Касаткина предупреди дека малтретирањето и навредите кои ги добиваат играчите преку социјалните мрежи „се целосно вон контрола“.
Касаткина објави снимки од заканувачки пораки кои ги доби откако се пласираше во полуфиналето на турнирот во кинескиот град Џухај. Во едната порака пишува дека 26-годипната тенисерка „би требало да биде мртва“, додека друг корисник на социјалните мрежи ја обвини Касаткина поради загубен облог.
Касаткина е последната во низата тенисерки кои обелоденија дека се злоставувани на социјалните мрежи и тоа е долгорочен проблем со кој се соочуваат раководните тела во женскиот и машкиот тенис, бидејќи играчите пријавуваат дека се цел на обложувачи.
Американката Тејлор Таузенд во мај годинава објави порака со смртни закани која ја доби по електронска пошта, откако загуби на турнир во Италија.