Треба да зборуваме за работи кои не обединуваат, а не кои не разделуваат

Министерот Панче Тошковски денеска во интервју за телевизија Телма оцени дека настаните со црквата во Галате се прв доказ со конкретен настан дека некој се обидува да предизвика дестабилизација и потенцираше дека МВР ќе одговори на сите такви најави жестоко, во рамки на своите надлежности.

-До сега информациите кои што пристигаа не беа потврдени со конкретни настани во таа насока. Сега факт е дека имаме конкретен настан, кој што ќе го испитаме во детали, зошто и како настана. Не само од аспект на дејствијата кои што беа преземени, а кои што беа видливи, туку и во други аспекти. Ќе го испитаме тоа детално во периодот кој што следува и за кој што ќе треба да се процесуираат и соодветни постапки“, дециден беше министерот Тошковски.

Министерот Тошковски истакна дека наместо такви теми и настани треба да зборуваме за работи кои не обединуваат, а не кои не разделуваат.

„Еве во рамките на мојата надлежност, ние треба да зборуваме како да се дигитализираме, што треба да направиме да имаме безбедна граница, што треба да сториме да го пуштиме во функција „Сејф сити“, како да ја намалиме смртноста во сообраќајните незгоди, како да го подобриме животот на граѓаните, како да го професионализираме нивото на полициските службеници во рамките на службата. Ние за вакви теми треба да зборуваме. Овие теми треба да се решаваат институционално”, рече Тошковски.