Треба ли сега Грција да ѝ каже на Бугарија – нема во Шенген додека има вето за Македонија?

Поранешниот грчки министер за надоврешни работи Никос Коѕијас, на Меѓународната конференција во Атина по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор нафрли интересен предлог:

– Влезот во ЕУ за С. Македонија беше ветен. И што направи ЕУ? Прво француското вето, за менување на методологијата, па потоа дојде ветото од Бугарија. Што треба ние сега да сториме? Да ѝ речеме на Бугарија – е ние вас нема никогаш да ве пуштиме во Шенген додека не го кренете ветото за С. Македонија. Ова е добар предлог и треба да се размисли. Ама тоа ли е начин, да се фокусирам на кавги наместо на заеднички прогрес? – рече Коѕијас и повтори дека односот на ЕУ кон С. Македонија, но и кон сопствените ветувања е недозволив и креира атмосфера во регион на големи, отворени проблеми оти нивното решавање е залудно.

Коѕијас и тогашниот македонски министер за надворешни рабопти Никола Димитров на 17 јуни 2018 во Нивици, Преспа, го потпишаа Преспанскиот договор, со кој се реши 30-годишниот спор за името со Грција.