Требаше да мислат за црни денови и да отвораат нови рудници

Наместо да увезуваат поскап јаглен, можеа да го реализираат проектот за отворање на рудникот Живојно. На тој начин ќе ја спасеа домашната кревка економија од пропаст, бидејќи во вакви ситуации како што е сегашната е посебно важно да функционира домашното производство на електрична енергија, рече денеска Стевче Антовски, член на Комисијата за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ, кој побара одговорност за, како што рече, расипничкото однесување на власта кон енергетиката.

– Тендерите за ископ во РЕК Битола, кои ги прават со цел да се испумпаат пари од компанијата кај приватници блиски до власта, сега им се вратија како бумеранг. Дебалансите кои се случуваат во преносната мрежа кои ќе ги платиме сите преку буџетот и новата зголемена цена на електричната енергија која е неминовна во блиска иднина се реалност од која нема бегање. Едно е јасно: Македонија е клекната на колена без доволно сопствено производство на електрична енергија. Нѐ очекува коплас, сиромаштија и прекини во снабдувањето со електрична енергија. Преносниот систем оператор (МЕПСО) е пред банкрот со преземање на туѓа енергија од европската мрежа за што ќе треба да се платат над 15 милиони евра. Ваков срам за македонската енергетика немало од нејзиното осамостојување до денес. Поради несериозниот пристап, сѐ поочигледно е дека во наредниов период ќе се соочуваме со рестрикции и со повторно поскапување на електричната енергија која и онака две години наназад поскапуваше – рече Антовски.

ВМРО-ДПМНЕ потсетува дека наместо да се уништува РЕК Битола и да се планира нејзино затворање, доволно би било само да се заменат филтрите и да се реши проблемот со загадувањето.

– Наместо да се исцрпуваше комбинатот со партиски вработувања, криминални тендери и недомаќинско работење, ние требаше да градиме други производни капацитети за електрична енергија, а во исто време да се мисли на отворање на нови рудници за јаглен во околината на комбинатот, токму за вакви тешки времиња – додаде тој.