Тренчевска дојде на протестот на ССМ: Низ дијалогот ќе дојдеме до решение

Сојузот на синдикатите на Македонија денеска од 10 часот е на протест пред Министерството за труд и социјална политика (МТСП), каде го изразува своето незадоволство од неисполнетото барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари.

Пред МТСП присутна е и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, која посочи дека ќе ги прими на средба. Министерката изјави дека целосно е на страната на работниците и дека ќе ги прими на средба за да се најде решение.

„Социјалниот дијалог не е застанат и ќе продолжи понатаму. Верувам дека низ дијалог ќе дојдеме до решение. Она што на последната средба со Синдикатот, Владата го презентираше, е изработка на нов закон за платите во јавниот сектор, кој ќе направи систем на плати и нема да има вакви неправилности и непревди меѓу вработените во јавниот сектор. Процесот на подготовка на новиот општ колективен договор е започнат и да го заокружиме и К-15 до крајот на 2022 година“, рече Тренчевска.

Таа појасни дека од Синдикатот ги прифатиле овие решенија, но бараат и дополнително решение за зголемување на платите во јавниот сектор за 2.806 денари, за кое Тренчевска смета дека не е системско решение.

Со претставниците на ССМ во следните денови се предвидува средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи, на која би можело да се најде некакво решение.