Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, во понеделникот вечерта изјави за новинарите дека државата нема да влезе во дополнителна инфлација со 12 процентното покачување на платите во образованието.
Тренчевска со оваа изјава ги поби своите претходни тврдења дека зголемувањето на платите во обрзованието за повеќе од 10 отсто ќе предизвика дополнителна инфлација во државата.
„Нема да влеземе во дополнителна инфлација затоа што во разговори со министерот за финансии и со премиерот 12 отсто се процент кој нема да предизвика дополнителна инфлација и проблем на стабилноста на Буџетот на Владата“, изјави министерката Тренчевска.
На прашање дали ќе се кратат пари од други места за покачување на платите во образованието, министерката Тренчевска кажа дека „ќе видат, но најверојатно нема да се кратат плати од други места“.