Тренчевска: Со 220 милиони евра за линеарно зголемување на пензиите ќе се наруши стабилноста на Фондот

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во Дневникот на телевизија Сител зборуваше за усогласувањето на пензиите и нивниот раст, состојбата на пензискиот систем, прашањето за минималната пензија и други актуелни прашања во врска со пензиите.

Министерката во врска со денешниот протест на пензионерите истакна дека Министерството е отворено е дека секој граѓанин може да се обрати и достави барања до него, како што беше и средбата денеска со претставниците на Иницијативниот одбор на пензионери на Македонија во просториите на Министерството.

Во врска со линеарното зголемување од 3500 денари на сите пензионери што претставува 220 милиони евра годишно, министерката посочи дека ваквото зголемување ќе ја стави под прашање  стабилноста на фондот.

„Не е праведно некој кој работел 30- 40 години и исто толку години придонесувал во фондот, да се изедначува со некој кој работел 15 години,“ рече Тренчевска.

Таа се осврна на новата методологија која во 2022 година беше усвоена и претставува усогласување со трошоците за живот и просечната плата. Воедно истакна дека методологијата е најреалниот показател за пораст на пензиите. Системско решение со кое пензиите растат на долг рок.