Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска во утринската програма на Македонската телевизија, зборуваше за пензиите, моменталната методологија за усогласување на пензиите, состојбата на пензискиот систем и барањата на пензионерите кои излегоа на протест.
„Кога бев избрана за министерка прва работа што ја направивме беше воспоставување на системско решение за постојан раст на пензиите, методологија која ги следи инфлацијата и просечната плата. Решение согласно кое пензијата нема да биде условувана од ниедна влада и политичка партија,“ рече Тренчевска.
Министерката истакна дека секој март и септември пензиите се усогласуваат со оваа методологија. Како и дека од 2022 година досега, пензијата е зголемена за 24 отсто. Таа потенцираше дека сепак не мисли дека минималната пензија е висока, но од 9000 денари таа согласно последното усогласување расте за околу 4000 денари односно ќе биде над 13.000 денари.
Министерката се осврна и на политичката позадина на организацијата на протестите на пензионерите, дека тие не се воопшто спонтана реакција, туку зад нив стои опозицијата односно ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со вчерашната средба со претставниците а Иницијативниот одбор на пензионери кои протестираа, таа порача дека вратите на министерството се отворени за секој граѓанин, за информација, барање и потреба. Барањата кои беа истакнати од страна на Иницијативниот одбор ќе се разгледаат.
Легитимно е да се протестира, а прашањето за линеарно зголемување е уставна категорија. Таа постави прашање, во однос на тоа дали 18.000 минимална е праведно за сите пензионери, ако имаме предвид дека најголем дел од пензионерите со минимална пензија имаат пократок работен стаж, а останатите што примаат околу 20.000 денари имаат подолг работен стаж и нивниот влог да го изедначиме со оние кои немаат влог како нивниот.
Министерката информираше дека денеска ќе се одржи состанок со Сојузот на пензионери на Македонија, како легитимно тело кое ги претставува пензионерите и ќе се отвори дискусијата за барањата на пензионерите кои протестираат, но и други прашања.
Таа уште еднаш потенцираше дека со популистички мерки, како линеарно покачување на пензиите ќе се доведе во прашање стабилноста на пензискиот систем. Таа порача и дека оваа Влада е насочена да креира политики со кои се обезбедува стабилен пензиски фонд , редовни пензии кои ќе продолжат да се исплаќаат предвреме.
Тренчевска апелираше и до општините, во рамки на нивните надлежности како што креираат мерки за ранливи категории, да креираат мерки и за пензионерите кои имаат пониски пензии. За таа цел се воспоставени и социјалните совети при општините кои можат да предлагаат мерки за граѓаните во нивните локални заедници.
Министерката се осврна и на пензиите во регионот и порача дека споредено со соседните земји како држава сме некаде на средината. Односно во Србија минималната пензија е 10.841 денари, а 19.866 денари просечната пензија. Во Хрватска, со одлука на Владата се носи износот со кој се множи годините на стаж па така, 11.19 евра, помножено со годините на стаж. Црна Гора минимална пензија е 280 евра, а Грција 411 евра.