Новиот тренер на актуелниот шампион на Македонија, ФК Вардар, искусниот руски стручњак, Сергеј Андреев потврди дека не е многу загрижен поради минималниот пораз кој неговиот тим го доживеа на првиот пријателски натпревар во Анталија.
Избраниците на Андреев загубија со минимални 1:0 од романскиот прволигаш Пандури, а до крајот на последната фаза од подготовките за пролетниот дел од актуелната сезона „црвено-црните” ќе одиграат уште три пријателски натпревари во Турција.
„Бевме и подобар противник во поголемиот дел од средбата, но на моменти и среќата не не посака. Задоволен сум како одиграа одредени фудбалери, иако секако останува простор за корекција на поедини недостатоци. Остануваме ориентирани на реализацијата на нашите подготвителни програми“, изјави Андреев за официјалниот сајт на ФК Вардар.
Поради здравствени проблеми, дуелот против Пандури го прескокнаа Бојовиќ, Лазаревски, Ѓоргиев, Захов, Блажевски.
Следниот натпревар на Вардар на подготовките во Анталија е на 14-ти февруари против ерменскиот прволигаш Гандзасар.