Во Министерството за образование и наука денеска беше извршено примопредавање на функцијата министер меѓу Пиштар Љутфиу и Рената Тренеска Дескоска.
Љутфиу на денешната прес-конференција и ја честиташе новата позиција на Тренеска Дескоска и и посака многу успеси во еден од, како што рече, најголемите ресори и додаде дека во иднина ќе стои на располагање.
– Свесна сум дека пред мене и пред Министерството стојат големи предизвици кои треба да значат подобрување на квалитетот во образованието во Република Македонија, враќање на дигнитетот на наставниците, професорите и сите оние коишто се вклучени во наставнообразовниот процес, рече Тренеска Дескоска.
Таа додаде дека ќе се залага за создавање образование кое што ќе значи мотивација за децата, за професорите и мотивација за постигнување поголеми знаења.
– Образованието е темелна дејност во секое општество бидејќи иднината на секоја држава и идната на секое општество зависи од вложувањето во образованието. Свесна сум дека ова е еден од најтешките ресори, ресор со кој граѓаните секојдневно имаат допир и ќе вложам максимални напори да го подобриме квалитетот на образованието во Република Македонија, истакна Тренеска Дескоска.
Додаде дека ќе им стои на располагање на новинарите и додаде оти МОН треба да биде отворено и транспарентно за сите граѓани и за новинарите.
Одговарајќи на новинарско прашање дали оваа година ќе има екстерно тестирање, таа потсети дека вчера за тоа имала изјава во Собранието.
– Законот за укинување на екстерното тестирање е пуштен во собраниска процедура, денеска ќе биде на дневен ред на седницата, а јас ќе бидам присутна на работата на Комисијата за образование и наука. Се надевам дека денеска ќе бидат усвоени три закони кои ќе ги ослободат децата од екстерното тестирање, но исто така и наставниците од беспредметната обврска која ја имаа досега, рече таа.
Според неа, се уште има време да се донесе тој закон и изрази уверување дека имаат начин целосно да се укине екстерното тестирање.
Таа појасни дека за сите реформи во образованието треба да има анализа и компаративни согледувања и конкретни согледувања на терен за како е најдобро да ја направиме реформата. Додаде дека во сите области ќе прави консултации и со експерти и со невладини организации кои работат во тие области и со оние кои се лично засегнати, односно еснафски здруженија и синдикати во областите за кои се работи.
– Во образованието не треба да се оди на брзи и необмислени чекори бидејќи ефектите се погубни. Мојата цел ќе биде што е можно поширока дебата за сите области каде ќе се прават реформи со цел да се извлечат најдобрите решенија кои ќе останат подолго време во правниот систем на Република Македонија, а со тоа и ефектите во образовниот систем, рече Тренеска Дескоска.
На новинарско прашање за тоа дали ќе има зголемување на платите на вработените во образованието, таа појасни дека зголемувањето на просечната плата е едно од, како што рече, темелните ветувања во Програмата на СДСМ која се однесува на сите сфери, вклучувајќи го тука и образованието.
Прашан за актуелниот Закон за високото образование и за дисперзираните студии во државата, таа смета дека актуелниот Закон за високо образование е лош закон, како што рече, не ги решава проблемите на високото образование, туку креира проблеми. Набрзо најави формирање на работна група која ќе подготвува нов закон за високото образование.
За дисперзираните студии таа појасни дека ќе треба врз основа на податоците што ќе ги добие од МОН да се види каде има реална потреба, а каде се проформа. Досега имаше универзитети кои имаат дисперзирани студии формално, а немаше никаков бенефит.
– Македонија има потреба од квалитетно образование и фокусирање на средствата во квалитетни наставни програми и студии. Оние кои нудат квалитет и задоволуваат потреби на квалитетно образование ќе останат, но оние кои постојат само проформа и значат непродуктивно трошење на буџетски средства без да имате квалитетно образование нема да постојат, рече Тренеска Дескоска.