Трет ден блокади на приватните автобуски превозници, Град Скопје со нов јавен повик за линиите со број 20 и 22

Приватните автобуски превозници веќе трет ден по ред продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град. Според досегашните изјави од нивна страна, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје. Градските власти, од друга страна, најавуваат дека денеска ќе има нов јавен повик за приватните автобуски превозници на линиите со број 20 и 22.

Град Скопје и градоначалничката Арсовска за време на овие два дена не излегоа со став во однос на протестите и барањата на приватните автобуски превозници.

– Нема никаква реакција од Градот Скопје, никој ништо не кажува од нивна страна, засега блокадите ќе останат, изјави за МИА, директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Тој рече дека чекале известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор, и, како што нагласи, засега блокадите остануваат.

Од друга страна, од Град Скопје вчера соопштија дека денеска ќе биде објавен нов јавен повик за приватните автобуски превозниците на линиите со број 20 и 22.

– Ги повикуваме сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници, се вели во соопштението на Градот.

Единствена разлика, како што велат од Град Скопје, е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.

Граѓаните во меѓувреме, и денеска ќе бидат принудени да најдат алтернативи во сообраќајот поради застојот на сообраќајот кој прозилегува како резултат на блокадите на приватните автобуски превозници.

Јовановски претходниот ден, побара и од останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем и најави дека е можно одредено проширување на протестите.

– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес, рече Јовановски.

Во понеделникот, директорот на „Слобода превоз“ исто така изјави дека е стигнато известување за раскинување на договорот од страна на Град Скопје и со нив, откако претходниот месец беше укинат договорот со „Макекспрес“ со образложение дека не се исполнуваат условите според договорот.

Премиерот Димитар Ковачевски од друга страна, во понеделник обвини дека хаосот што во овој период му се случува на Градот Скопје е, како што рече, само поради неспособноста и бизнис интересите на ВМРО-ДПМНЕ и на нивниот претседател Христијан Мицкоски.

– Граѓаните мора да знаат дека ВМРО-ДПМНЕ ја има градската власт во Скопје. Предлози, односно кадри на ВМРО-ДПМНЕ се најзастапени во сите управни одбори и надзорни одбори на јавните претпријатија во Градот Скопје, вклучително и во ЈСП. И тие ја имаат одговорноста целосна за тоа што денес се случува во Скопје, рече Ковачевски.

Истиот ден, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, пак, апелираше да се седне и да се разговара со оние кои протестираат, а, како што истакна, граѓаните да не бидат заложници на политички субјекти кои се скарани.

– Ги разгледуваме сите можни опции, меѓутоа освен разговор со оние кои протестираат нема друга опција, изјави вчера Спасовски, посочувајќи дека кога станува збор за протест или јавен собир доаѓа до судир на правото на слободно движење и правото на протест.

И министерот за локално самоуправа, Ристо Пенов, во телевизиско гостување во текот на понеделникот укажа дека Владата има инструмент за отстранување на блокадите на приватните автобуски превозници.

– Засега ситуацијата се следи и анализира, и се уште не се исрпени сите можности за решение, изјави министерот за локална самоуправа Ристо Пенов.

Протестот, според него, зема се поголем замав и по она како се одвива, не е насочен кон градоначалничката на Скопје и ЈСП или кон целта што ја посочуваат, а тоа е долгот кон нив, туку добива облик на политички протест.

Приватните автобуски превозници бараат од Град Скопје да се подмири долгот кон двете компании кој во целост изнесува преку 90 милиони денари, затоа што, како што велат, немаат средства за понатамошно функционирање поради недостиг на средства.

В.д. директорот на Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, Александар Стојковски, минатата недела во интервју за МИА рече дека долгот го наследил и оти треба да биде подмирен. Но, истовремено спомена дека според последните анализи приватните превозници во последните пет години не уплаќале, односно не задолжувале никакви карти, а тоа, како што кажа, е нивна обврска според членот 5 од договорот меѓу ЈСП и приватните превозници.