Во Вашингтон денеска продолжува средбата на шефовите на држави или влади на членките на НАТО, на која учествува и македонска делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски.
На третиот ден од вашингтонскиот Самит на НАТО, лидерите на Алијансата ќе имаат состанок со нивните колеги од партнерските земји од азиско-пацифичкиот регион – Австралија, Нов Зеланд, Јапонија и Јужна Кореја, како и со високи претставници на Европската Унија.
Самитот ќе заврши со заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на шефовите на држави или влади, на кое се очекува реафирмација на поддршката на Алијансата за Киев колку што ќе биде потребно.
Вчера при пристигнувањето на работниот дел на Самитот, премиерот Мицкоски изјави дека за нас е важно на овој собир да бидат донесени одлуки што ќе ја моделираат иднината на човештвото во следните декади, за што и земјава ќе го даде својот придонес.
Како држава сме подготвени да го додадеме својот придонес на сето она што претставува вредност. Тука сме заедно со нашите сојузници за да ја потврдиме нашата посветеност, како и досега, така и во иднина, дека ќе го промовираме мирот, стабилноста и владеењето на меѓународното право, истакна Мицкоски.
Премиерот посочи дека македонската Влада сака да биде рамо до рамо со нашите сојузници и да го потврдиме слободарскиот дух на македонскиот народ и на македонските граѓани.
Остануваме посветени на исполнување на обврските, односно минимум два проценти од БДП да бидат инвестирани во модернизација на нашата Армија, нешто коешто е многу важно, затоа што само на тој начин ќе ги следиме современите чекори и ќе ја следиме најголемата светска одбранбена алијанса што некогаш постоела, додаде Мицкоски.
На вчерашниот дел од Самитот, на кој се одржа заседание на Северноатлантскиот совет, лидерите расправаа за усвојување на „значителен пакет“ за поддршка на Украина од пет елементи, кој опфаќа создавање Командата на НАТО за Украина која ќе обезбедува безбедносна помош и обука, потоа ветување за продолжување и одржување на долгорочната поддршката за земјата и испорака на итна воена поддршка, кој ќе вклучува системи за противвоздушна одбрана и нови билатерални безбедносни договори меѓу сојузниците и Киев, обезбедување целосна интероперабилност меѓу украинските и силите на Алијансата и отворање нов Центар за обука и воздухопловство во Полска.
Сите овие пет елементи заедно претставуваат силен мост за Украина до членство во Алијансата. И јас сум убеден дека сојузниците ќе ја повторат својата посветеност дека Украина ќе стане членка на НАТО, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Според Столтенберг, поддршката за Украина во справувањето со руската инвазија не претставува милосрдие, туку инвестиција во безбедносниот интерес на НАТО.
Генералниот секретар на НАТО изјави и дека војната во Украина покажала оти безбедноста на членките на Алијансата и на партнерите од регионот на Источна Азија и Пацификот е меѓусебно поврзана, бидејќи Иран, Северна Кореја и Кина станаа „главните овозможувачи“ на руската агресија врз Украина.
Домаќинот на Самитот, американскиот претседател Џо Бајден во воденото обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет истакна дека земјите членки на НАТО мора да ги зголемат своите производни капацитет во одбранбената индустрија за да бидат во чекор со руското производство на оружје и муниција.
Русија значително го зголемува производството на оружје, муниција и возила со помош на Кина, Северна Кореја и Иран, не можеме да дозволиме Алијансата да заостане, рече Бајден.
Тој изрази задоволство што членките на НАТО работат на проширување на нивната индустриска база и капацитети и што се посветени на зголемување на трошоците за одбраната, што тој го оцени како „критичен чекор за одржување на безбедноста“. Според него, НАТО ќе стане „поиновативен и поконкурентен“ ако членките развијат планови за домашно одбранбено производство.
Бајден оцени и дека во изминатите 75 години, земјите членки растеа и напредуваа под заштитата на НАТО.
Денес сме посилни од кога и да сме биле досега, истакна Бајден, посочувајќи дека од неговото преземање на претседателската функција пред неполни четири години НАТО двојно го зголеми бројот на борбени групи на своето источно крило, а Финска и Шведска и се приклучија на алијансата.
Инаку, на маргините на Самитот, Мицкоски се сретна со повеќе лидери на земјите членки на НАТО, меѓу кои и со премиерите на Италија и Бугарија, Џорџа Мелони и Димитар Главчев, а заедно со неговите колеги од Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ остварија средба и со американските сенатори Џин Шајин и Том Тилис и со членови на Мониторинг група за НАТО во Сенатот на САД.
На средбата со американските сенатори Мицкоски посочи дека балканскиот регион помина тежок период на предизвици и промени кои покажаа дека единствено соработката, забрзаниот развој и инвестирањето во пријателства им носи подобар живот на граѓаните. Тој истакна дека блокадите, кочењето и опструкциите треба да бидат реликвија на едно минато време од кое регионот треба да извлече поуки како се заглавува во неразумни спорови и се создаваат стереотипи и раздор меѓу граѓаните.
Секоја иницијатива која е за поголема соработка на регионот и која може да донесе подобар живот е добредојдена, истакна Мицкоски, додавајќи дека е потребен нов почеток и генерација на политичари подготвени за разумен дијалог базиран на факти, како и дека иднината на регионот е економската соработка и инвестициите за посреќни граѓани и апсолутна борба против корупцијата и организираниот криминал кои се најголема закана за напредокот.
Како што објави Мицкоски на Фејсбук, со Мелони разговарале за продлабочена соработка и за можноста за зголемување на економската и трговската размена меѓу двете земји.
Побарав поддршка од Италија за реализација на стратешкиот интерес за влез на државата во Европската Унија. Мора да се бориме за позициите и државните интереси на секој чекор, наведе Мицкоски.
Според бугарскиот премиер Главчев, пак, на средбата со Мицкоски разговарале за потребата од нормализација на меѓусебните односи и за нивно враќање на нивото од 2017 година кога беше потпишан Договорот за добрососедство.
Нема ништо подобро од убави и добри односи меѓу соседи, изјави Главчев, додавајќи дека меѓу граѓаните и народите на двете соседни земји нема тензии, а политичарите ако не помагаат да се развиваат добрите односи, не треба ни да ги попречуваат.
Тој додаде и дека бугарската, која е и европска позиција, е дека сите држави кандидати за членство во ЕУ од Западниот Балкан треба да ги исполнат барањата што им се поставени и обврските што ги имаат преземено.
Мицкоски на Самитот на НАТО во Вашингтон ја предводи македонската делегација во чиј состав се и министрите за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, за одбрана Владо Мисајловски и за внатрешни работи Панче Тошковски.