По Горан Миленков и Игор Тантуровски оставка во Државната комисија за спречување на корупција поднесе и Жаклина Дамчевска. За разлика од претходните двајца, кои оставките ги образложија од приватни, здравствени и семејни причини, Дамчевска се повлекува од членството во комисијата поради политички причини и медиумски притисок.
Членовите на Антикорупциската комисија се најдоа на удар минатата недела откако беше објавен ревизорски извештај за работата на Комисијата во кој се наведени сомневања за исплата на фиктивни патни налози и трошења на буџетски пари.
Миленков, кој беше поранешен претседател на Комисијата во понеделникот поднесе оставка, а наредниот ден истото го направи и актуелниот претседател Тантуровски.
За извештајот на ревизорите за Антикорупциска, истрага отвори Јавното обвинителство, а парламентарното мнозинство ги повика членовите да си поднесат оставки или ќе биде иницирано нивно разрешување во Собранието.
Останува прашање дали и останатите членови, Фарие Алиу, Најдо Спасевски и Сузана Таскова Аџикотарева ќе поднесат оставки.