Трета победа за Лазаров и Барселона на Суперглоуб

Барселона и во својот трет натпревар на Суперглоуб 2014 успеа да ја забележи третата победа. Овојпат противник на каталонците беше Есперанс Тунис, екипа која се покажа како недостоен противник за тимот на Лазаров, губејќи со убедливи 37-23.

Тунижаните успеваа да му парираат на каталонскиот гигант само во првите десетина минути, кога успеаа да поведат со 5-3, но се што се случуваше понатаму на овој дуел беше во знакот на Барселона, па од таму и оваа висока победа на крајот.

Инаку нашиот репрезентативец Кире Лазаров на овој меч имаше скромна минутажа бидејќи победата на Барселона во ниеден момент не беше доведена во прашање, а за тој период кој го помина на теренот нашиот најдобар ракометар постигна 3 погодоци од вкупно 5 обиди.Најефикасни во таборот на Барселона на оваа средба беа Томас со осум, Рутенка со шест и Карабатиќ со пет погодоци.

Барселона со три победи го обезбеди првото место во својата група, па во полуфиналето ќе ги одмери силите со поразениот од дуелот меѓу Ел Џаиш и Фленсбург.