Во последните моменти од првенствениот натпревар меѓу Милан и Верона (1:1) во неделата за „Росонерите“ дебитираше 17-годишниот Даниел Малдини, станувајќи со тоа третата генерација на семејството Малдини којашто заигра во дресот на италијанскиот фудбалски великан во Серија А.
Пред Даниел, за Милан настапуваа и неговиот дедо Чезаре, а потоа и татко му Паоло Малдини.
„Ова беше остварување на сништата, само штета е поради резулатот. Ова беше емотивен момент“, изјави 17-годишното момче.
Малдини помладиот својот прв настап за Милан го имаше во јули 2019 година на ревијалниот натпревар против минхенски Баерн на американската турнеја, а на првиот официјален првенствен настап мораше да чека до годинава,
„Не беше планирано да заигра против Верона. Дури не требаше да биде ни во поширокиот состав, го повикаа во последен момент“, изјави неговиот татко, 51-годишниот Паоло Малдини, кој сега е технички директор на Милан.
Даниел Малдини е третата генерација на семејството Малдини која настапувала за првиот тим на Милан. Пред него дебитираше дедо му Чезаре во 1954-та, а во 1985 година и неговиот татко Паоло.
Чезаре и Паоло вкупно во дресот на Милан освоиле 31 трофеј, од кои шест европски шампионски титули, па на Даниел нема да му биде лесно да ги достигне или надмине дедото и таткото.
Чезаре Малдини, кој почина во 2006 година на 84-годишна возраст, играше за Милан од 1954 до 1966 година, впишувајќи 400 настапи, а во два наврата беше и тренер на клубот. Како играч освои четири „скудета“, и една европска титула, додека како тренер го освои негогашниот европски Куп на победниците на куповите и италијанскиот куп.
Неговиот син Паоло целата кариера ја мина во клубот од „Сан Сиро“, од 1984 до 2009 година впиша 902 настапи освојувајќи 25 трофеи, од кои седум титули во италијанскиот шампионат и пет во Лигата на шампионите.