Тревис Кинг е во американски притвор откако беше депортиран од Северна Кореја

Американскиот војник Тревис Кинг е во американски притвор откако беше протеран од Северна Кореја, соопштија во средата официјални лица, пренесува BBC

Кинг, 23-годишен експерт за разузнавање, илегално преминал во Северна Кореја во јули. Севернокорејските медиуми наведуваат дека тој побегнал поради „нехуман третман“ и расизам во американската војска.

Неговата состојба и деталите за притворот во Северна Кореја не се познати. Севернокорејската државна новинска агенција KCNA претходно во средата соопшти дека Пјонгјанг одлучил да го „депортира“ Кинг, но не даде поединости.

Кинг е припадник на армијата на САД од јануари 2021 година и дошол во Јужна Кореја како дел од ротација на единицата. Пред да влезе во Северна Кореја, Кинг минал два месеца во притвор во Јужна Кореја под обвинение за напад и бил ослободен на 10-ти јули.

Требало да се врати во САД поради дисциплинска постапка, но успеал да го напушти аеродромот во Сеул и да се придружи на обиколката на силно обезбедуваната демилитаризирана зона (DMZ) меѓу двете Кореи.

Не е познато дали Кинг ќе се соочи со дополнителни обвиненија кои произлегуваат од неговата одлука да влезе во Северна Кореја.

Американскиот Стејт департмент, Белата куќа и Министерството за одбрана веднаш не го коментираа случајот. Портпаролот на семејството Кинг рече дека „не се очекуваат суштински коментари“ во овој момент, објави Reuters.

Семејството на Кинг претходно изјави за американските медиуми дека Кинг бил дискриминиран додека служел во војска и дека неговото ментално здравје страдало додека бил притворен во Јужна Кореја.