Трговец со антиквитети во подрум пронашол слика на Пикасо вредна 6 милиони долари

Сликата пронајдена од италијански трговец со антиквитети при чистење на подрумот на една куќа на Капри е оригинален портрет насликан од славниот шпански сликар Пабло Пикасо, открија италијански експерти.

Откако случајно ја пронашол сликата во подрумот на куќата во 1962 година, Луиџи Ло Росо го однел платното дома во Помпеа, каде што висело на ѕидот од дневната соба во следните неколку децении, иако неговата сопруга ја сметала сликата „страшна“, пишува британски The Guardian.

Денес се верува дека тоа е портрет на Дора Маар, француска фотографка и сликарка која била долгогодишна муза и љубовница на Пикасо. Во горниот лев агол на сликата е карактеристичниот потпис на познатиот уметник, но Луиџи Ло Росо не знаел кој е тој.

Дури многу години подоцна, кога неговиот син Андреа се заинтересирал за сликата, откако забележал слични уметнички дела во енциклопедија за историја на уметност и почнал да поставува прашања за нив, се појавиле сомнежи во семејството Ло Росо.

На крајот, семејството решило да побара совет од тим експерти. По неколкугодишно истражување, Чинѕија Алтиери, графолог и член на научниот комитет на фондацијата Arcadia, која се занимава со проценки, реставрации и атрибуции на уметнички дела, потврди дека потписот на сликата е автентичен. Денес вредноста на ова дело на Пикасо се проценува на 6 милиони евра.

Пикасо често престојувал на Капри и се верува дека сликата, која е извонредно слична на „Buste de femme (Dora Maar)“на Пикасо, била создадена помеѓу 1930 и 1936 година.

Во меѓувреме починал Луиџи Ло Росо, а Андреа кој денес има 60 години ја продолжил потрагата.

„Татко ми беше по потекло од Капри и често собираше секакви антиквитети, кои потоа ги продаваше речиси за ништо. Тој ја нашол оваа слика пред да се родам и немал поим кој е Пикасо. Не беше премногу образован. Дознав за делата на Пикасо прелистувајќи една историска енциклопедија. Го споредив и потписот. Постојано му кажував на татко ми дека потписот е сличен, но тој не обрнуваше внимание на тоа“, раскажува Андреа.

Тој неколкупати ја контактирал Фондацијата Пикасо во Малага, но нејзините вработени не покажале интерес да ги преиспитаат неговите тврдења, сметајќи дека се невистинити. Фондацијата го има последниот збор кога станува збор за автентичноста на сликата, која сега се наоѓа во сеф во Милано.

Пикасо почина во 1973 година, а за време на неговиот живот насликал повеќе од 14.000 дела, така што Фондацијата секојдневно добива стотици пораки од луѓе кои тврдат дека го поседуваат оригиналот.

Сликата „Buste de femme (Dora Maar)“ е насликана во 1938 година и беше украдена од јахтата на саудиски шеик во 1999 година пред да биде пронајдена 20 години подоцна.

Лука Марканте, претседател на фондацијата Arcadia, смета дека би можело да има две верзии на делото.

„И двете би можеле да бидат оригинали. Веројатно се работи за два портрета, не сосема исти, но се работи за истата тема што Пикасо ја насликал во различни периоди. Едно е сигурно: сликата пронајдена на Капри сега се чува во свод во Милано и е автентична“, изјави марканте за италијанскиот дневен весник Il Giorno.

Марканте сега ќе ги презентира доказите пред Фондацијата Пикасо.