Лани и оваа година во Македонија девет деца биле жртви на трговија со луѓе, односно биле сексуално експлоатирани и принудувани на бракови. Полицијата поднела девет кривични пријави против 23 лица, а првопријавениот добил и казна затвор од 17 години додека второ и третообвинетите по 14 години затворска казна.
Ова беше истакнато на одбележување на Европскиот ден за борба против трговијата со луѓе и претставување на почетокот на веб Кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, со посебен фокус на трговијата со луѓе за сексуална и трудова експлоатација и за детски бракови како ризик за појава на трговија со деца. Тоа беше во организација на Меѓународната организација за миграции – ИОМ, во соработка со Министерството за внатрешни работи и на Министерството за труд и социјална политика.
-Трговијата со луѓе не е само кривично дело, туку е многу повеќе затоа што претставува флагрантно кршење на човековите права. Тоа е новиот вид модерно ропство. Сиромаштијата, невработеноста и семејното насилство се едни од главните причини кај одредена група луѓе која е осетлива и ранлива на трговијата со луѓе. Со жалење можеме да констатираме дека сѐ поголем е бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, сѐ поголем е бројот на деца кои се сексуално експлоатирани“, нагласи државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовска.
Таа истакна дека минатата година во нашата земја од девет идентификувани жртви, шест биле деца од кои сите се наши државјани и сите биле сексуално експлоатирани и принудувани на бракови. Оваа година имало три нови случаи на деца жртви на трговија со луѓе. Полицијата поднела девет кривични пријави против 23 сторители за трговија со луѓе. Првопријавениот за трговија со дете, според Несторовска, првпат после долго време е осуден на 17 години затвор, а второ и третообвинетите на по 14 години затвор.
Единицата за откривање криумчерење на мигранти разбила вкупно пет организирани криминални групи против кои се поднесени 51 кривична пријава, а во 2019 се поднесени три кривични пријави против 37 лици и целосно се разбиени две организирани криминални групи.
Според државниот секретар при Министерството за труд и социјална политика Јована Тренчевска, трговијата со луѓе најмногу ги погодува најранливите, а тоа се жените и децата.
-Со поддршка на ИОМ воспоставивме пет мобилни тима во Скопје, Битола, Куманово, Гевгелија и Тетово за идентификација на ранливи категории граѓани вклучително и жртви на трговија со луѓе, истакна Тренчевска.
Тимовите во 2019 година идентификувале три жртви на трговија со луѓе, 63 потенцијални жртви и голем број ранливи лица кои биле упатени на соодветна помош и поддршка до други релевантни институции. Од нив најголем процент биле деца.
Соња Божиновска Петрушевска од ИОМ Скопје рече дека според нивните податоци, покрај сексуалната експлоатација, сѐ подоминантна форма во регионот и кај нас е и трудовата експлоатација во која мажи и момчиња стануваат жртви на трговија со луѓе. За намалување на оваа појава, Божиновска Петрушевска смета дека важна е превенцијата, односно информирање на ранливата поулација за опасностите што ги носи трговијата со луѓе.
Веб Кампањата за подигање на свеста на ранливите заедници за опасностите поврзани со трговијата со луѓе, според организаторите, има цел за сензибилизирање на широката јавност и медиумите, како и високо-ризичните категории, за ризиците поврзани со миграција, со фокус на трговијата со луѓе, и подобрување на свеста за опасностите кои произлегуваат од истите, како и информирање за начини на кој може да се пријави експлоатација и да се побара помош.