Трговскиот дефицит лани достигна 2,8 милијарди евра

Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава лани во периодот јануари – декември, изнесува 8,323 милијарди евра и бележи пораст од 0,3 % во однос на истиот период од претходната година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Според ова, вредноста на увeзената стока во истиот период, изнесува 11,148 милијарди евра, што е помалку за 8,1 % од една година претходно.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – декември 2023 година, изнесува 2,826 милијарди евра.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.

Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и други моторни возила за превоз на лица.

Во периодот јануари – декември 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.